Битка на отпишаните ќе се бие вечерва од 18 часот меѓу Мексико и Камерун во Натал, во вториот натпревар од групата А. Двете селекции на драматичен начин се пласираа на мундијалот во Бразил кога веќе сите ги видоа како елиминирани во квалификациите за пат на 20., јубилејно издание на СП.
Мексико на волшебен начин преживеа во филтер-рундата, и тоа со огромна помош на САД. Американците ја победија Панама во последниот квалификациски меч, со два гола во последните минути, и му овозможија на Мексико да игра баража со Нов Зеланд. Мексиканците го искористија неочекуваниот подарок и во два дуели беа многу подобри од последниот противник, па се најдоа на шампинатот во Бразил.
И Камерунците се протнаа во одбраното друштво, а клучен момент беше бодовната казна за селекцијата на Того во африканските квалификации. Камерун речиси беше отпишан од СП, но, сепак, ќе игра, и тоа против Мексико, Хрватска и Бразил во групата А. Самуел Ето и соиграчите имаат квалитет за рамноправно да се носат со силните противници. Проблем ќе им биде и лошата атмосфера по штрајкот на фудбалерите поради несиплатените премии за пласман на СП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


