| четврток, 6 декември 2018 |

Средби на Јолевски во Конгресот и со претставници на администрацијата

jolevski-nimic-740x320

По номинацијата за министер за одбрана во идниот состав на Владата, амбасадорот на Република Македонија во Вашингтон Зоран Јолевски изминативе денови организира серија проштални средби и консултации со американските политичари и аналитичари.

Македонската амбасада вчера приреди работен ручек за поголем број претставници на американските власти, како и поранешни функционери, експерти и аналитичари. Главна тема на разговор на средбата беа достигнувањата во реформите во одбранбениот сектор, плановите за натамошно модернизирање на АРМ, претстојниот самит на НАТО во Британија, и улогата на Македонија во регионалната одбранбена соработка.

Денеска амбасадорот Јолевски присуствува на работен ручек во негова чест во Конгресот, организиран од страна на конгресменот Роберт Адерхолт, член на Комисијата за одбрана, на кој ќе ги информира претставниците Конгресот за плановите за негово делување како министер за одбрана. Во петок е предвидена работна средба во Пентагон.

Амбасадорот Јолевски, кој ја претставува Македонија во Вашингтон од 2007 година и е македонски претставник во разговорите за спорот за името, наскоро се враќа во Скопје, каде на 19 јуни е предвидено гласањето за новиот состав на Владата.

Веднаш по номинацијата, во саботата Јолевски имаше телефонски разговор со специјалниот пратеник на Обединетите нации за надминување на разликите со името Метју Нимиц, при што го информира за неговата номинација за министер за одбрана.

И двајцата се договорија да продолжат подготовките за неговата планирана посета на Македонија и Грција која беше договорена за време на последната рунда на разговори во Њујорк на почетокот на мај.

Амбасадорот Јолевски на Нимиц му пренел дека Република Македонија останува искрено посветена на процесот за изнаоѓање на заемно прифатливо решение, кое ќе го заштити идентитетот и дигнитетот на македонските граѓани

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top