Ректорот на Московската духовна академија (МДА), архиепископот Верејскиј Евгениј (Решетников), беше во посета на двата познати манастира во Дебарско, „Свети Јован Крстител“ попознат како Бигорски манастир и „Свети Георгиј Победоносец“.
Заедно со него беа и проректорот за научно-богословска работа, протојереј Александар Задорнов и раководителот на Балканскиот кабинет при МДА, професорот – славист Алексеј Мстиславович Пентковски.
Во придружба на високите пратеници од МДА беа и нивните домаќини од Македонија, проф. д-р Велимир Стојковски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, и протопрезвитер проф. д-р Ацо Гиревски – декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Гостите беа срдечно и гостољубиво пречекани од игуменот на Бигорски манастир, архимандрит Партениј, кој со голема љубов и внимание ги запозна гостите со историјата на манастирот, како и со евангелско-просветната дејност на Бигорското братство. Архиепископот Евгениј, видливо задоволен од тоа што го виде во двата познати храма, од името на целата делегација топло се заблагодари за убавиот прием.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



