| четврток, 6 декември 2018 |

Пипо Инзаги нов тренер на Милан

Поранешниот напаѓач на Милан Филипо Инзаги ќе биде нов тренер на клубот, откако денеска преку својот веб сајт соопштија дека клубот му доделил отказ на досегашниот шеф на стручниот штаб Кларенс Сидорф.

Според информациите кои доаѓаат од Милано договорот на Инзаги со неговиот поранешен клуб е потпишан на две години. Финансиските детали не се објавени.

Милан минатата сезона го освои осмото место во Серија А и остана без пласман во евро-куповите. 40-годишниот Инзаги играчката кариера ја заврши во јули 2012 година.

За Милан има забележано 300 нaстапи на кои постигнал 126 голови и ги освоил по двапати Серија А, Лигата на шампионите, Суперкупот на Италија, а има трофеј и од Купот на Италија и Светското клупско првенство.

Во националниот дрес има одиграно 57 натпревари и постигнато 25 голови. 2006 година со италијанската репрезентација стана светски првак на шампионатот во Германија.

Ангажманот во Милан е прв професионален тренерски предизвик за популарниот Пипо

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top