Поранешен директор на АД Џумајлија од село Лозово, светиниколско, а кој сега живее во Бугарија е осомничен од полиција во овој град дека склучил договор меѓу фирмата и неговата приватна фирма, а на штета на Џумајлија.
Полициската станица во Свети Николе поднесе посебен извештај против З.Д.(50) од Свети Николе, со привремен престој во Бугарија, поранешен генерален директор на АД „Џумајлија“ село Лозово за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Во текот на март 2010 година, пријавениот без одлука на Одборот на директори на АД „Џумајлија“, склучил договор со ДООЕЛ „Фарма ленд“, инаку негова сопственост со кој АД „Џумајлија“ и отстапува право на стопанисување со добиток, по што добитокот со договор го отстапил на користење на друга негова фирма „Зоки 28“ ДООЕЛ Свети Николе.
Притоа во периодот од 2010 до 2012 година, АД „Џумајлија“ за отстапениот добиток континуирано ги снабдувала наведените фирми со сточна храна, меѓутоа фирмата „Фарма Ленд“ не ги исплатила паричните обврски за отстапениот допиток ниту за испорачената сточна храна, во вкупен износ од 46.809.504 денари, а откако „Фарма ленд“ го продала добитокот на други правни лица , со парите од продажбата наместо да ги исплати побарувањата кон АД „Џумајлија“, истите ги искористила за сопствени потреби, соопшти МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



