Зоран Заев го победи Бранко Црвенковски! Веста одекна како бомба во ушите на социјалдемократите, кои во неделата останаа ненаспиени чекајќи го со нетрпение резултатот од гласањето доверба на конгресот на СДСМ. Искрено, дел од нив ни на сон не можеа да помислат дека тоа може да се случи. А, токму тоа и беше целта на играта, фантастично темпирана и во форма на политичка бомба, што наводниот губитник ја заигра само четири дена пред конгресот. Целта на сценариото, кое во подрумите на „Бихаќка“ го доби името „Аболиција 2“, беше спас на актуелниот лидер, кој по поразот на парламентарните избори, со кој застана рамо до рамо со резултатот од 2008 година на неговата соборка Шекеринска, на своите делегати им понуди 200.000 причини за негова смена или по речиси 3.000 причини на секој делегат одделно. И би спасен, само затоа што спасителот оцени дека не е вистинско време за враќање на престолот. Ќе го чека вистинскиот момент или некаква криза, како и секогаш…
Во името на розата или на тупаницата
Соочени со сериозноста на надвиснатата бура во СДСМ, која ќе значеше уште еден крај на „отпорот“, луцидните сценаристи, предводени од главниот текстописец вообличен во ликот кој го носи името на католичкиот поглавар, заиграа перфидна игра во која авторите од „Бихаќка“ се покажаа како ненадминливи мајстори.
Проблемот беше и остана поголем од судбината на Заев и на раководството на партијата. Гласањето недоверба на партиската врхушка ќе означеше и класичен пораз на нивната одлука за бојкот и непризнавање на изборните резултати. А, враќањето назад ќе беше јавно признание на реалниот, висок пораз. Последиците од овој чекор се логични и велат дека доколку по избори го смените раководството, нормално е и одговорноста за лошите резултати да ја лоцирате кај нив. Со тоа би пропаднал филмот за бојкотот, како и сите неаргументирани обвинувања за нелегитимни избори, системски притисоци и какви ли не други и онака небулозни тврдења. Од друга страна, би излегле и многу несериозни во бојкотот. Од четири бојкоти што сте ги поттикнале во изминатата година, сте прекинеле три – првиот за парламентарните избори во 2013 година, вториот за локалните избори, против кој, освен целата Меѓународна заедница и Филе, кој и ги реши двата, беше и сегашниот лидер, човекот кому му гореше под нозе и кому со непромислениот потег на партијата сѐ подалеку му бегаше градоначалничката фотелја и личноста која „бунтовникот“ Стевче Јакимовски, кој замина сам на избори, го пофали за потегот и му напиша „Се гордеам што имам таков другар во партија“. Претпоставките се дека таа порака е напишана некаде меѓу оние многу замолници до Мендух Тачи, но и двете ја носат другата порака за познатата непромисленост на лидерот кој прво стана канибал и јадеше живи луѓе, па вработуваше партиски братучеди, па влезе во воен филм и пукаше за да не се оди на избори, па ги фрустрираше генетичарите со повеќе чичковци и татковци, па беше фригиден за набргу да ги фрли во очај книжевниците и открие нови дела на Славко Јаневски, па ги порази етнолозите креирајќи нови стереотипи за Јужна Африка, за пред избори да ги дотепа и економистите правејќи револуција во бизнисот со нов тип компании – „офшорт“. Кога ќе ја погледнеме ретроспективата на минатиот труд на ова поле, пораките до Јакимовски и до Тачи и не се така страшни. Сепак, тоа не се лапсуси, туку искази со поинаква, страшна политичка тежина во себе.
„Бихаќка“ со Б.Ц. во конкуренција за „Оскар“
На „Бихаќка“ одамна забележаа дека претходната тактика на ВМРО-ДПМНЕ и политиката на справување со транзицискиот лидер Б.Ц. ѝ донесоа добри поени и гласови. Тоа го забележи и самиот Б.Ц., па затоа, како и многупати претходно во недостиг од идеи, СДСМ ги примени и препиша методите на противничкиот табор. На Зоран Заев очајно му беше потребно ослободување од гревовите и каква и да е победа за да, барем кај сопартијците, се врати на сцена како некаков победник. Проблемот е што овојпат, наспрема настапот на актуелниот лидер по изборите кога го соопшти небулозното решение за бојкот и доби експресна номинација за „Златна малинка“, стариот волк ја одигра улогата за „Оскар“, најдобрата ролја во рамки на неговото политичко егзистирање. Поттикнат од поголемата цел – продолжување на улогата на неприкосновен лидер од сенка и чекање на вистинскиот момент за блескаво враќање на сцената – во момент на творечки немир тој го состави најневозможното сценарио, воедно правејќи го навидум најдоблесниот потег во својата политичка кариера.
На неверување на македонската јавност, која никогаш и не би помислила такво нешто за него, екслидерот, барем божемно, се жртвуваше себеси и сопственото реноме кај сопартијците, излезе од сенката и распука по сопственото протеже, во истиот миг создавајќи од него инстант-маченик, лик што застанал против ексцентричниот, самобендисан папа, познат по своите злодела од транзицијата. Истиот ден маченикот излезе и како случаен одговор даде четири интервјуа за „независните“ медиуми за да на сите им ја кажа тажната вистина – како тој бил напатен од своите сопартијци, поддржувачи на екслидерот Б.Ц., кои постојано, ни помалку ни повеќе, цела година му забивале нож во десното рамо. Останува на форензичарите од „Бихаќка“ да ѝ откријат на јавноста дали Б.Ц. е леворак или, сепак, деснорак за да се открие сторителот на неделото врз лидеровото рамо. И така, четири дена пред конгресот или во крајниот можен и добро пресметан рок, екслидерот помогна во сопствениот пораз и во создавањето лик на револуционер, струмичкиот напатен безусловен борец со режимот и со диктатурата во државата. Да пуштеше брада, можеби ќе заличеше на Че Гевара или, сепак, ќе заминеше на „Евровизија“?!
Единство, па неединство или грешка во сценариото
Конгресот дојде и помина, но еден податок остана да лебди во воздухот. Нелогичноста која ги побуди сомнежите и ги вознемири духовите, дури и на „Бихаќка“, беше небулозната информација, содржана во две гласања чии резултати беа контрадикторни. Од една страна, сите 593 делегати едногласно и беспоговорно ја поддржаа првата точка, а потоа речиси 30 проценти гласаа против втората, која беше есенцијално поврзана со првата?! Скептиците ќе речат – единството и не е баш така единствено…
Првата точка беше одлуката на партијата за бојкот на резултатите и непризнавање на изборите, и претседателски и парламентарни, која по честитките од Брисел, Берлин, Москва и од каде уште не, падна во вода и се удави во сопствената нелогичност и неаргументираност. Таа точка, наводно, минала со едногласно одобрување. Следната беше довербата на Заев и на раководството, а таму резултатот беше 413 наспрема 176 и ако ги додадете 114 делегати што, очигледно, неслучајно не дојдоа, резултатот станува 413 наспрема 290 делегати или веројатни 40 проценти против. Небулозата е што, од една страна, сите „едногласно“ ги прифатиле погрешните чекори и потези на раководството за потоа 30 проценти јавно да изгласаат недоверба на лидерот заснована на истите чекори кои ја урнисаа партијата?! Весела математика или, поверојатно, тие само глумеле бранковисти и, за нивна жал, ја добиле улогата која не би ја посакал апсолутно никој во партијата. Замислете да бидете против сопствениот идол и највлијателен играч, па макар и со лажен глас. Вистинскиот куршлус, најверојатно, се случил при подготовката на сценариото на „Бихаќка“, каде што, сепак, морале да забележат дека за да, барем навидум, има некаква форма и при првата точка мораа да се најдат стотина, па макар и десетина, кои ќе гласаа против дејствувањето на лидерите. Ама не виделе…

„Бихаќка“ како голем идолопоклоник на антиката
Тажната вистина, соодветна за перфидните дворски игри во партијата, е дека прво интервјуто, а потоа и фингираниот конгрес го реинкарнираа актуелниот лидер, а ветрот во едрата му го пушти и дозволи токму неговиот „најголем противник“. Прикаската е премногу сложена и тешковосприемлива дури и за најдобрите писатели од овој жанр. Перипетиите во неа би ги засрамиле и Ханс Кристијан Андерсен и браќата Грим, кои среде пишување би рекле дека никој не би ја прифатил таа сказна и би се откажале од неа. Најверојатно, и баснописецот Езоп би кренал раце од веројатноста дека таа ќе има некаков успех или дека ќе доживее слава. Сепак, би минала на само едно место во историјата на книжевноста. Иако толку многу, барем декларативно, се противат на антиката и на нејзиното наследство, на „Бихаќка“, очигледно, егзистираат последните обожаватели и поклоници на грчката трагикомедија. Доказ за почитта кон делата на античките автори е нивното дејствување (на грчки е драма – δρᾶμα), правење драма, кое многумина би го опишале како вулгарна трагикомедија востановена во преземените акти на раководството по изборите во Македонија. Најдобар показател, пак, за почитта кон античките творци, како Софокле, Есхил и Еврипид, е директното барање на раководството на СДСМ за надворешна интервенција за нивно враќање на власт или познатата, често употребувана во античката драма, интервенција на т.н. божја рака или деус екс макина, која опишува неочекуван, вештачки уред или настан кој ненадејно се појавува на сцената во текот на драмското дејство за да разреши одредена ситуација, разрешница која не е во согласност со интерната логика на приказната и е толку неверојатна што го загрозува прифаќањето на основните нереалистични премиси на делото кај гледачот. Фразата буквално значи „бог од машината“ и потекнува од античкиот грчки и римски театар кога се користела машина (кран) за да спушти на сцената актер во улога на бог (или богови), кој ја разрешува ситуацијата.
Боцевски: Конгресот не реши ништо, а сега играат на разгорување на меѓуетничките односи
Конгресот на СДСМ не расчисти ништо во таа партија, вели политикологот Ивица Боцевски, кој, меѓу другото, е добар познавач на состојбата на „Бихаќка“ и поради својот минат труд таму. Тие западнаа во криза по заминувањето на Црвенковски на функцијата претседател на Република Македонија во 2004 година, истакнува Боцевски и нагласува дека веќе цели 10 години никако не успеваат да излезат од бурата.
Боцевски: Само за потсетување, во првите 12 години постоење на СДСМ тие имаат еден „неприкосновен“ лидер, Бранко Црвенковски, а во изминатите десет години на челото на таа партија беа Бучковски, Шекеринска, Заев (како чувар на местото), Црвенковски, па повторно Заев.
Во својот прв период СДСМ е партија што ја изнесе Македонија од патеката на демократизацијата којашто почна при крајот на 80-тите години на минатиот век. Тогаш беше спроведена криминалната приватизација, имавме еднопартиски парламент, серија наместени избори, партиски чистка на судството и на обвинителството, кршење на ембаргото кон Србија, забеганост и ароганција на власта.
Во вториот период на постоењето на СДСМ, Македонија веќе беше вратена на врвицата на демократизацијата, а и веќе беше значително интегрирана во европските и во глобалните текови. СДСМ покажува дека во такви нормални услови на демократска и европска Македонија, тие не се способни да победат на избори и да ја добијат довербата на граѓаните. Значи, во изминатата деценија тие се обидоа со сите трикови за поткопување на демократските сили, кои им успеваа во 90-тите години на минатиот век, но се покажа дека созреале и нивните противници и граѓаните, па веќе не реагираат на евтини политички трикови. Најјасен знак дека тие не ја разбрале демократската природа на современата македонска држава беше фактот што тие посебно се потпираа на две насоки на дејствување. Првата беше отвореното, на моменти дури и дегутантно, додворување кон странците или кон меѓународната заедница (тука, пред сѐ, се мисли на САД и на ЕУ), со надеж дека нивното отворено вмешување во македонската политика ќе ја турне владата на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ги донесе повторно СДСМ на власт. Не знам дали некому таму му текнува дека со таквата стратегија тие ја губат својата поддршка кај граѓаните, кои сакаат да ја видат Македонија како суверена држава наместо како туѓа колонија, вазал, протекторат или недефиниран ентитет. Упорното инсистирање на таа стратегија нив ги претставува како квислинзи кои се свесни дека ја немаат граѓанската поддршка, туку дека сакаат да дојдат на власт со туѓи тенкови, војски и пари. Втората стратегија беше отвореното подбуцнување на етничките Албанци во Македонија за да се предизвика меѓуетничка криза. СДСМ и медиумите што им се приврзани упорно ја трујат јавноста со измислени приказни и ги храбрат најтврдите националистички струи меѓу Албанците. Таа стратегија е очигледна и за Албанците и за Македонците, па уште повеќе ја ништи претставата за оваа партија како сериозен чинител во македонскиот политички процес. Нормално, покрај овие две главни линии, кај нив има и целосно негирање на 90-тите години и повикување на некаква државотворност што дополнително ги дразни нервите на граѓаните кои добро се сеќаваат на „државотворноста“ на СДСМ од 90-тите години на минатиот век.
Единствената стратегија што оваа партија не се обиде да ја направи беше најлогичната, вели Боцевски, а таа е да прифатат дека во услови на демократија и плурализам тие се само една од можните политички опции во Македонија, да се дефинираат кои се и што се како политичка партија, да напишат програма, да изградат тим политичари и да им се обратат на граѓаните за да добијат доверба од нив. Единственото нешто што тие не се обидоа да го направат, истакнува тој, е како нормална партија да победат на избори.
ЕУ е смоквин лист со кој СДСМ си ја крие голотијата
Конгресот на СДСМ, во овој контекст, посочува Боцевски, го претставува само крајот на една од фазите на кризата на СДСМ. За него тие во моментов се, како што вели, жив мртовец, а целта и причината за нивното постоење се исцрпени.
Боцевски: Освен голи фрази кои ништо не значат, сдсмовците не можат да објаснат зошто постои нивната партија и кои се политичките и општествените цели што сакаат да ги постигнат. Тие велат „демократија“, но тоа е апсурд самото по себе затоа што целиот процес на демократизација во Македонија е процес на еманципација на македонското општество од незаслужената доминација на елитите поврзани со СДСМ во сите сфери на живеењето. Историјата на демократизацијата во Македонија е историја на разградување на еднопартиската држава на СКМ/СДСМ и отворањето на можностите во македонското општество за сите, наместо за избраните од СКМ/СДСМ. Тие велат „Европа“, но европската интеграција е само еден смоквин лист со кој посткомунистите сакаат да ги сокријат голотијата и бедата на отсуството на каков било политички концепт, платформа или програма.
Сето тоа го видовме и на конгресот. Сите велат дека се залагаа за иста стратегија, но притоа тврдат дека имаат раскол. Тоа значи дека или лажат дека имаат иста стратегија или лажат дека имаат раскол во партијата. Натаму, никому во моментов, а посебно на раководството на СДСМ, не му е јасно која ќе биде идната стратегија на партијата. Тие сега сметаат дека ќе дојде до жесток меѓународен притисок врз власта за отворање некаков дијалог или „тркалезна маса“ со СДСМ, па така некако да се изборат за достоинствено враќање во Собранието. Нормално, тоа нема да се случи. Постојат дури и идеолози на таканаречениот „отпор“ кои тврдат дека бојкотот на крајот, по автоматизам, ќе заврши со власт за СДСМ, исто како што бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ и на ДП од 1994 заврши со власт на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година.
Меѓутоа, тие тука забораваат на една битна разлика. Во 90-тите години ВМРО-ДПМНЕ и ДП се бореа за демократизација на Македонија. Сегашниот „отпор“ е обид на Бранко Црвенковски и на СДСМ да се залажат и себеси и јавноста дека имало некаква содржина во целата нивна политичка активност. За жал, содржина тука никогаш немало, туку само соголен опортунизам, без никаква, макар и минимална, идеја или проект за иднината на Македонија.
Од тие причини, вели Боцевски, ќе почекаме да видиме што се случува навистина во СДСМ. Единствено е сигурен дека Бранко Црвенковски нема да прави нова партија. За такво нешто, вели тој, е потребна храброст и одважност, како и јасен политички проект, со долгорочна политичка стратегија.
Боцевски: Тоа можеше да го стори Петар Гошев, можеше да го стори Љубчо Георгиевски, докажаа дека можат да го сторат и Борис Тадиќ и Георги Прванов, но тие имале и имаат и политичка храброст и идеи, како и истенчено чувство за политичка стратегија. За разлика од нив, целото тоа друштво што се собра да го брани „ликот и делото“ на другарот Бранко Црвенковски, на чело со него самиот, ни ги покажа празнотијата, бедата и отсуството на макар и елементарен политички концепт, односно македонскиот израз купи ден, помини воздигнат на ниво на политика. Може да се почувствува како дополнително се зголемуваат гневот и разочарувањето на македонските граѓани кога гледаат како ова друштво на комедијанти ја водело државата во 90-тите години на минатиот век.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 89. број на неделникот „Република“, 16.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Боцевски: