| четврток, 6 декември 2018 |

Попушти насипот на Сава, поплавени села во БиХ, евакуирани 5.000 жители (фото)

Насипот на реката Сава во Пруд пукнал во должина од 100 метри и водата поплави неколку месни заедници, села и селца во општината Оџак. Во последните два дена се евакуирани 5.000 луѓе. Од Цивилната заштита на општина Оџак велат дека не им стигнала никаква помош и дека сите работи на насипот како и спасувањето ги правело локалното население.

Пруд и локалните селца се под вода и во висина до 3 метри. Стоката и луѓето се евакуирани и, за среќа, нема жртви директно како последица од поплавите. Водата сѐ уште не се повлекува. До поплавите дошло кога се споиле надојдените реки Босна и Сава. Проблем е што сега, освен западниот дел, е зафатен и источниот дел – Долни Свилај и Нови Град – бидејќи водата се враќа низводно низ каналот на Сава – вели Нермин Оручевиќ од Цивилната заштита на општина Оџак.

Тој нагласи дека 5.000 луѓе се евакуирани, некои заминале во други станбени објекти, некои во прифатилишта, а некои заминале за Хрватска. Освен помош од босанската војска, друг никој не дошол. Од Хрватска пристигнале три специјални полициски тимови со чамци.

– Беше загрозен и насипот во Свилај каде што мештаните се собрале и направиле зајачки насип кој го запрел продирањето на водата и сега тој држи. Така се спасени Долен Свилај и Нови Град – вели Оручевиќ.

Во општина Оџак вчера стигнало едно комби со храна и со вода, а мештаните истакнуваат дека им се потребни чизми, кабаници и лопати.

– Моментално имаме јавна кујна за луѓето што се евакуирани во салата во училиштето. Храната се собираше во градот Оџак бидејќи тој не беше поплавен – рече тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top