Матјаж Брумен повторно одигра извонреден меч за Вардар и беше еден од најзаслужните за освојување на националниот куп во Охрид по победата над лутиот ривал Металург со 30-28. Словенецот беше најефикасен на турнирот, а по финалето изјави дека би било штета овој состав на Вардар да не игра во следниот циклус од Лигата на шампионите.
– Би била вистинска штета овој тим на Вардар, засилен со уште неколку врвни ракометари, в година да не игра во ЛШ. Ова е извонреден клуб со огромни амбиции, со фантастични навивачи, нашето присуство во елитното европско натпреварување би било огромен плус за Скопје, за цела Македонија. Искрено се надевам дека ќе успееме во нашата желба и в година да бидеме дел од ЛШ бидејќи го заслужуваме тоа – изјави Брумен.
Вардар веројатно нема да успее да ја одбрани шампионската круна бидејќи Металург беше подобар во меѓусебните дуели во домашното првенство, па ќе треба да се чека покана од ЕХФ за настап на квалификациски турнир или да се минат регуларни квалификации, во зависност од системот што ќе го одреди европската куќа на ракометот. Вардар играше четврт-финале во овој циклус и за влакно не успеа да го мине Фленсбург за пласман на завршниот турнир во Келн. По двата четврт-финални дуели, вкупниот резултат беше израмнет 49-49, но Германците ќе играат за титулата, благодарение на веќе постигнати голови на гостински терен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


