Град Скопје доцна синоќа испрати дополнителна помош за настраданите во поплавите што ја погодија Република Србија. Помошта од Скопје е веќе пристигната во Белград, а тамошните власти ќе ја распоредат според потребите.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски вели дека е во постојана комуникација со градоначалникот на Белград, Синиша Мали, од кого добива информации каква помош е најпотребна.
– Градот Скопје многу брзо се организира, веќе испративме 50.000 вреќи за песок, како и шлепер со флаширана вода за пиење, а дополнително испративме и едно противпожарно возило опремено со две моќни пумпи за испумпување вода и дополнителна опрема, чамец за спасување, како и екипа од шест пожарникари од Противпожарната бригада на Град
Скопје кои ќе се вклучат во извлекување на настраданите. Според моите информации, испратената помош е веќе пристигната во Белград, изјави денеска Трајановски.
Во хуманитарната акција, истакна, учествуваме и преку Црвениот крст на Град Скопје. Се прават и последните подготовки за хуманитарната помош што ќе ја испратиме и за Босна и Херцеговина, за помош во овие досега невидени поплави на овие простори.
– Сакам да нагласам дека Скопје е град на солидарноста, а неговите сограѓани добро се сеќаваат на помошта што пристигнуваше од сите делови на светот по катастрофалниот скопски земјотрес. Сега нам ни е редот да помогнеме, изјави градоначалникот Коце Трајановски.
Според информациите на Град Скопје, помошта е веќе пристигната во Белград, додека пожарникарите, противпожарното возила, пумпи и чамци се препратени во Обреновац.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


