Македонија нема да го доживее српското и босанското сценарио. Врнежите престануваат, а земјава ќе се спаси. Според дипломираниот метеролог, кој работи во МТВ, Глигор Митковски, утре нѐ очекува локална нестабилност, по што доаѓа сонце.
– В недела се очекува повеќе сонце и нешто повисока температура, која ќе достигне максимум околу 20°С низ населените места, а во југоисточните краишта и до 24°С. Наредната недела во Македонија ќе има стабилно време. Можна е краткотрајна нестабилност во некои делови во вторник, а од средината на неделата температурата се очекува да надмине 25°С. Во потоплите делови од Повардарието, максималната температура ќе достигне и над 30°С – вели тој.
Инаку, во текот на изминатите два дена сме сведоци на големи поплави во централниот дел од Балканот. Циклонот кој сѐ уште е над Балканот, изминативе три дена истури големи количини дожд. Само за пример, вкупната количина дожд во Белград, Лозница, Валево, Тузла, поединечно, во текот на 14 и 15 мај е поголема отколку вкупната количина паднат дожд на некои мерни станици во текот на цел април во Македонија. Во Србија во периодот од 13 до 14 мај наврнале околу 200 литри на квадрат, а во Македонија во периодот од 13 до 14 мај, кога беше најголемата нестабилност, наврнале околу 30-40 литри на квадрат.
И април беше проблематичен во Србија. Големи количини дожд, околу Велигден, донесе поплави во Србија. Па сега, почвата релативно добро заситена со вода, немаше никаква шанса да ги поднесе новите количини вода. Метеопро објави табели во кои се пркажани количините дожд по мерни станици на 14 и 15 мај во Србија и во Босна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


