| четврток, 6 декември 2018 |

Седум илјади луѓе го одиграа орото за Гинис

најголемо

Околу седум илјади луѓе денеска во Охрид и Струга изиграа оро за рекорд, организирано од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на Република Македонија. На орото се фатија лица од сите возрасти, кои орото го изиграа на потегот од кај селото Подмоље, кај вливот на реката Састеска во Охридското Езеро до Охрид. За жал, не се реализираше идејата 20 илјади лица да бидат дел од најголемото оро во светот.

– Орото е изиграно, играорците беа во низа, сето тоа е документирано и ќе биде испратено до Гинис, за што ќе чекаме верификација. Ние имавме оптимистичка варијанта, да го собориме и најдолгото оро изиграно од Кинезите, меѓутоа нашето оро е поинакво и нашето е ставено во друга категорија – изјави Насер Хот од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

Тој изрази жалење што не се успеа во плановите над 20 илјади луѓе, кои пројавиле интерес да бидат дел од овој проект, најмногу поради оправдани причини, како материјални средства така и поради потребата од голема логистичка поддршка.

– Максималната поддршка што ни ја дадоа општините Охрид и Струга, на еден начин сакавме да ја оправдаме со оро што ќе ги спои двата града, така што орото токму поради тоа се играше на средина меѓу двата града – рече Хот.

Целиот проект го поддржа и Националниот анасамбл за народни игри и песни „Танец“, како со свој настап пред гоститие во Охрид, така и со конкретна помош во уметничкиот дел.

– Улогата на „Танец“ беше да го направи музичкиот дел за најголемото оро. Бајса Арифоска која е дел од нашиот ансамбл со својот младински оркестар ја сними музиката за најголемото оро – рече директорот на „Танец“ Зоран Џорлев.

Музиката за орото за Гинис е уметничка изведба на интересна тема, инструментална верзија на старата народната песна „По ваздан те гледам“ од кратовскиот крај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top