
Ако во првиот период официјална Атина имала иредентистички побуди да колонизира грчко население во османлиска Македонија, тогаш во вториот период постоела тенденција да се постигне усогласување на грчката нација во егејскиот дел на Македонија.
Непостоењето доминантно грчко население на териториите од османлиска Македонија кон кои претендирала Грција, бил доволен повод, покрај другите мерки, да бидат преземени конкретни активности за населување Грци од грчката држава, но и од другите османлиски територии каде што живееле. Во Грција преовладувала теоријата дека „чие што е населението – негова ќе биде територијата“. Според оваа логика, тврдењата на официјална Атина би останале само на шпекулации, доколку не се „покажело и докажело“ дека во османлиска Македонија живее многубројно „грчко население“. Во овој период во историската документација е евидентирано населување на грчко население во крајбрежните делови на Македонија, во нејзините јужни и централни делови, пред сè во поголемите градски центри, но и во полските села. Во еден извештај од крајот на 1903 година, Ион Драгумис, национален идеолог од тоа време, заклучил дека е потребно систематско населување на грчки земјоделци во средини каде што живеело население од македонски етникум, при што посебно требало да се внимава грчкиот јазик да се наметне меѓу Македонците. Тој констатирал дека Македонците се претежно земјоделско население што е населено во селските средини, при што успеале да ги македонизираат „грчките“ и „грчко-влашките“ градови во Македонија. Токму поради овој факт, сметал дека е потребно мешање на грчките земјоделци и Македонците, со цел првите да им го наложат грчкиот јазик на вторите. За да се оствари овој план, Драгумис мислел дека е потребно да се купуваат земјоделски парцели, да се населува грчко население од грчката држава и така да се создадат грчки енклави што ќе влијаат за асимилација на македонското население.
Втората етапа на грчката колонизација почнала по балканските војни и приклучувањето на најголемиот дел од Македонија во рамките на грчката држава. За разлика од претходниот период, Грција, користејќи ја новата ситуација, ги употребила сите државни инструменти за да ја смени етничката слика на егејскиот дел на Македонија. Целта била национална хомогенизација на северниот дел на државата, каде што, покрај Македонците како доминантен етникум, живеело значително муслиманско население, потоа Евреи, Власи, Роми и Албанци. Грчкиот етникум во ваквата консталација бил трет по својот број во егејска Македонија. Оваа ситуација била во целосна спротивност со националната конструкција за „чистотата“ на грчката нација-држава. Една од мерките за „исправање на состојбата“ била колонизацијата на многубројно грчко и христијанско население во северна Грција. Па, така, познати ни се Конвенцијата меѓу Грција и Бугарија од 1919 година за „доброволна“ размена на населението и, подоцна, Лозанската конвенција од 1923 година меѓу Турција и Грција за задолжителна размена на христијанско население од Турција и на муслиманско население од Грција. Со првиот договор значителен број етнички Македонци, прогласени од Бугарија и од Грција како „Бугари“, биле принудени засекогаш да ги напуштат своите вековни огништа, додека со вториот договор било целосно иселено муслиманското население од егејска Македонија. Од овие два договора во цела Грција, а посебно во грчка Македонија, било населено многубројно христијанско население, кое за официјална Атина било „грчко“, со што засекогаш била променета етничката слика во северна Грција. Ваквата практика продолжила и по Граѓанската војна, која донела огромна депопулација на македонскиот етникум во Грција. Новонастаната ситуација била искористена по војната, кога со законскиот акт од 1953 година било предвидено населување на лица со „проверени национални убедувања“ од централна и јужна Грција во северозападниот граничен појас на грчката држава, т.е. во делови каде што живее македонско население.
Како и да е, и покрај многубројните мерки преземени од грчките институции за целосно вклучување на северната провинција кон „чистата“ нација-држава, сепак крајот на осумдесеттите години од минатиот век покажале дека „чуварите“ на грчкиот национализам не ја завршиле целосно поставената мисија. Од една страна, развојот на современото македонско движење во егејскиот дел на Македонија, кое подоцна прерасна во политичко движење, предводено од партијата „Виножито“, активно се залагало за признавање и за добивање на основните малцински права во државата, а од друга страна, падот на комунизмот, скорашното создавање независна македонска држава, сè понагласеното интернационализирање на македонското прашање од страна на организациите на децата-бегалци од Македонија, но и многубројната македонска дијаспора во светот, биле доволен мотив официјална Атина, по приспособувањето на новонастаната ситуација, да ја продолжи политиката на асимилација од минатото врз етничките Македонци во Грција. Една од мерките во таа насока бил и планот со пари на Европската економска заедница (ЕЕЗ), денес ЕУ, да се населат „советски Грци“ во северна Грција.
Во весникот „Нова Македонија“ (2 јуни 1990 година), под најавата „ексклузивно“, бил презентиран текст со наслов: „Егејска Македонија пред нова колонизација“. Во својот поднаслов, весникот констатирал: „Перфидна акција на владата во Атина да се докрајчи асимилацијата на Македонците во егејска Македонија“, за да веднаш потоа го постави следново прашање: „Што содржат тајните документи на ЕЕЗ и Европскиот совет за планот на населување 100.000 ’советски Грци‘ во северна Грција“. Во воведниот дел од текстот, кој за поавтентично прикажување ќе го претставиме во поголем дел, „Нова Македонија“ дава свое видување и анализа на документ од ЕЕЗ, за кој вели дека го добил од „свои извори“. „Планот содржи ’прием и населување‘ на 100.000 бегалци од грчко потекло од различни региони на СССР, изградба на станови за 25.000 семејства во регионите што се тешко погодени со депопулацијата во периодот од 1950 година до 1970 година“. Понатаму весникот продолжува: „Од ваквата формулација, колку и да е вешто составена за да се прикријат вистинските цели, станува јасно дека основната намера е битно да се влијае врз демографската карта на Егејска Македонија, каде што претежно ќе бидат населени ’руските‘ Грци. Имено, станува збор за населување земјоделски површини каде што на преселниците ќе им бидат доделени станови, 10.000 хектари земја (само во првата фаза), а ќе бидат изградени 2.000 фарми, и тоа сè во подрачјето на северна Грција“. На крај од овој прв дел весникот констатира, но и прашува. „Претстојната грчка колонизација на Егејска Македонија, за жал, се одвива добро програмирано и непречено од никого пред очите на југословенската и европската јавност. Никој не се обиде да ги демаскира пред Европскиот совет во Стразбур вистинските асимилациски цели на понудениот проект, кој е директна спротивност со повелбата и духот на Хелсинки! Ќе се допушти ли Грција повторно да ја прекројува етничката карта на Егејска Македонија со потиснување и бришење на македонскиот национален елемент во просторот каде што тој вековно егзистирал и се борел да го зачува својот национален идентитет“.

Во вториот дел, весникот го објавува целиот документ на Европскиот совет, кој е со назнака „доверливо“. Документот бил издаден од „Фондот за социјален развој – административен совет“ во Стразбур, на 20 март 1990 година. Било предвидено проектот од грчка страна да го спроведе Земјоделската банка на Грција, во чиешто име на 1 март 1990 година грчката влада поднела барање за доделување заем во вредност од 300 милиони американски долари „за делумно финансирање на програмата за прием и населување на 100.000 бегалци од грчко потекло од СССР“. Документот содржел три дела. Во првиот дел, „Извештај на гувернерот за техничките и за финансиските аспекти на проектот“, бил приложена целата конструкција и планот за спроведување на „проектот“. Во вториот дел, „Мислење на Секретаријатот на фондот за социјален развој“, е приложена вкупната вредност на заемот, кој споменавме е 300 милиони долари, додека е наведено дека другиот дел ќе биде финансиран од грчката влада. Исто така, грчката влада се појавува и како гаранција дека Земјоделската банка ќе го врати заемот. На крај од овој дел Секретаријатот дава позитивно мислење дека „барањето е прифатливо и од статутарна политичка и од социјална гледна точка“. Овој дел е потпишан од Грк, Констанинос П. Пилаваки, на 15 март 1990 година. Последниот, трет дел од документот е „Мислење до административниот совет и препорака на гувернерот“. Во него стои: „Разгледувајќи го барањето за заем од 300 милиони долари што претставува 40 проценти од вкупната цена на проектот за населување на грчки бегалци од СССР поднесен од грчката влада на 1 март 1990 година и имајќи предвид дека разликата ќе биде финансирана од грчката влада и дека е дадена квалитативна гаранција, како и дека проектот предвидува позитивни ефекти во сместување и вработување на бегалците, имајќи го позитивното мислење на Секретаријатот во согласност со резолуциите 199 и 934 на Административниот совет, гувернерот препорачува овој проект да се одобри и да се одобри заемот од 300 милиони долари. Париз, 16 март 1990 година, Роже Ванден Бранден, Гувернер“.
Сосема на крај ќе констатираме дека од денешна перспектива сосема е јасно дека со падот на комунизмот, распадот на СССР и економскиот колапс на државите од источниот блок, голем број советски „Грци“ имигрирале во Грција. Точниот број за нас е непознат, но, секако, официјална Атина не ја испуштила шансата да насели што поголем број луѓе од оваа категорија во „невралгичните“ околии во северна Грција, со што вештачки се зголемил процентот на грчко население. Исто така, со овој проект драстично се зголемиле можностите на грчката држава институционално да ја продолжи асимилацијата на етничките Македонци во Грција.
(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 87. број на неделникот „Република“, 2.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите на ФИНКИ изработија нова едукациска алатка за учење историја
-
Бекер: Да имав можност да играм со Федерер на Вимблдон, сигурно ќе бев поразен!
-
Жежов: Република Македонија е исправена пред еден од најтешките предизвици од независноста до денес
-
Проф. Котлар: Можеме да зборуваме за заеднички процеси во одредени периоди со Бугарија, но не и за заедничка историја


