Опозицијата повторно бара виновници за својот пораз. И повторно на удар се медиумите, односно телевизиите кои ги обвинува дека се мегафони на власта. Според нив, изборите ги загубиле со стотици илјади гласа поради тоа што „провладините“ медиуми (читај: телевизии), контролирани од власта и под надзор на ВМРО-ДПМНЕ, а во кои работат неновинари со чип да гледаат само во владини соопштенија, не известувале балансирано, но така било и за време и пред да почне кампањата за овие претседателски и парламентарни избори.
ТВ вестите со гледаност на цртан филм
Како провладини се набројуваат четири телевизии, меѓу кои е и јавниот сервис за кој во Изборниот законик, на барање на СДСМ, беше изготвен посебен дел. Значи, се работи за три приватни телевизии со национална концесија. Како проопозициски или критички настроени се сметаат три домашни и една странска телевизија, чие влијание не е помало од другите. Но, кога станува збор за нив, тогаш се употребува терминот „избалансирано известување“, што е далеку од реалноста кога станува збор за вокабуларот кој се користи во тие медиуми.
Но, тоа што се заборава да се истакне, всушност, е колкаво влијание имаат класичните електронски медиуми, кога се во прашање изборите?
Едноставно, да се погледнат прво ранг-листите за рејтинг на телевизиите за кои се однесуваат поплаките. На пример, најголемата вкупна гледаност во текот на кампањата за првиот круг од изборите, меѓу оние за кои се посочува дека влијаеле врз изборите, не надминува 200.000 гледачи дневно на информативните програми. Тоа, пак, не е ни половина од оние што со нетрпение ги гледаат ТВ-новелите.
На пример, на последниот ден од кампањата за првиот круг избори, 11 април, вестите на најпосочуваната телевизија ги следеле околу 178.000 гледачи, додека 344.000 гледачи ја следеле дневната доза на судбината на една девојка од Турција, а дури 40.000 повеќе се интересирале за доживувањата на Карадај.
Истиот ден, на втората по ред посочена телевизија, серијата за притаените страсти има преку 150.000 гледачи, за разлика од информативната програма која има најмногу 90.000 гледачи.
Ако ја погледнеме, пак, гледаноста на медиумите блиски до опозицијата, еден од нив е посветен на информативниот дел. Во серија од 20 часот, па сѐ до крајот на дневникот од 22 часот, заедно со информативниот блок меѓу нив, има преку 60.000 гледачи. Една од најстарите телевизии во Македонија, пак, која, исто така, се смета дека ги застапува ставовите на опозицијата, централните вести во последниот ден од кампањата за првиот круг од изборите ги гледале 35.000 гледачи.
Во оваа анализа би требало да влезе и рејтингот на телевизијата „Алсат-М“, која, исто така, влегува во делот на оние што се наклонети кон опозицијата. Тука не се само дневно- информативните појаси, туку и дебатните емисии во кои доминира критички настроен тон кон власта и кон владејачката партија во Македонија. Не е за занемарување и една странска информативна програма која во секој информативен појас информира директно од Македонија, со гости кои се дел од поддржувачите на опозицијата.
Јавниот сервис тука ќе го одвоиме онака како што беше одвоен со барањата на СДСМ – со определен број секунди за секоја партија. Таа телевизија – поточно првиот канал – беше задолжена да емитува и бесплатна презентација на кандидатите. Таа програма во петокот пред првиот круг гласање ја гледале 50.000 гледачи. Централниот дневник, пак, во целост го гледале 44.000 гледачи.
Овие бројки, кои реално ја отсликуваат состојби со гледаноста на телевизијата, ја намалуваат улогата на класичните медиуми врз расположението за гласање, дури и ако се земат предвид забелешките на ОБСЕ/ОДИХР. Преброените гласови по првиот круг покажуваат дека бројот на гласови што ги освоија двата кандидати е за двапати поголем отколку севкупната гледаност на телевизиите. Иванов во првиот круг освои 449.442 гласа, додека Пендаровски освои 326.164 гласа.
Рака на срце, телевизиите во Македонија би биле пресреќни кога нивните пораки и емисии би имале толкаво влијание и редовна публика за информативните програми во земјава.
Всушност, политичките случувања и обвинувања од опозицијата по сите изборни циклуси во земјава ја докусурија довербата на ТВ-публиката кон електронските медиуми. Така, информациите се примаат со резерва поради оркестрираните долгогодишни „рафали“ кон новинари и телевизии поради политичка пристрасност. Реално, телевизиите ја загубија моќта во целост да влијаат врз креирањето на јавното мислење. Сега информативните појаси се (можеби ќе звучи грубо) интермецо додека да почне омилената ТВ-мелодрама.
Истиот ефект се одразува и кај медиумите што опозицијата сака да ги прикаже како „веродостојни“. Севкупната гледаност кај нив е помала поради различната понуда на играна и забавна програма. Но, ако не се класичните медиуми, кој ја креира сликата?
Интернет како Елдорадо
Тоа што го отсликаа последните три-четири изборни циклуси во Македонија е влијанието на интернетот и на социјалните мрежи. Во тој интернетски простор силите на медиумите се рамноправни. Бројот на информативни портали е променлив, но ако се пребројат тие што сериозно се развиваат во рамки на можностите на „новите медиуми“, бројот на тие што се посочувани како „за“ или „против“ се изедначени. Иако го имаа предвид тоа, опозицијата успеа да го остави интернетот како отворена или, како што милуваат да кажат, слободна зона во која не се запазуваа договорените џентлменски манири за однесување. Ова особено се однесува за времето на изборниот молк.
Само дел од информативните портали во огромниот информативен простор го почитуваа молкот. Меѓу нив, секако, „Република“, каде што беа отстранети сите рекламни банери и содржини кои се однесуваа на изборните циклуси.
За разлика од нив, голем дел од информативните канали или, како милуваат да ги наречат, порталчиња беа злоупотребувани за директна манипулација со јавноста. Се лиферуваа вести дека се случувале инциденти, се објавуваа вести со партиска и агитирачка содржина, со спомнување имиња на носителите на листи. Особено што во тоа директно беше вклучен и носител на листа од една опозициска партија. На своето „порталче“ уште во неделата напладне повикуваше на пресврт на изборите, а да не заборавиме дека истиот беше приведен како агитира и дели летоци на денот на изборите.
И агрегаторите на вести и социјалните мрежи, кои, секако, не може да се изостават од медиумите, на денот на гласањето беа полни со информации кои не беа соодветни со времето на молкот.
Не смее да се заборави колкави средства одвои опозицијата, поточно СДСМ, за на секое отворање на „Фејсбук“ пред вас да излезе ликот на Пендаровски, на Десковска, на Заев. Не смее да се занемари влијанието на партиски членови, симпатизери, па и на видни имиња – членови на „Фејсбук“ и на „Твитер“ – кои агитираа и со повик за гласање, но и да предничат во делот што ја преокупира опозицијата по првиот круг претседателски избори – негативна кампања.
Потсмевањето како бумеранг
Оваа изборна кампања ја одбележаа потсмевањето и црната кампања во целиот интернетски простор во делот на проопозициските портали, како и цели делови и групи на „Твитер“ и на „Фејсбук“. Тука се заборавија сите норми и вредности, се удираше недостојно за луѓе кои се сметаат за интелектуалци – со лични навреди по сите основи.
Таа црна кампања, надополнета со вадење сомнителни афери во јавноста, во потполност ја замени белата кампања, односно посочувањето на платформата врз која се бара довербата на народот.
А, токму тој, народот, гласачот, има поинакви очекувања од интелектуалци – политичари и професори – кои би требало да ги поведат кон иднината. Како дел од формирањето на јавното мислење кое му донесе предност на Иванов, на пример, во првиот круг избори беше и дебатата на јавниот сервис, по што дури и дел од интернет-заедницата упатуваше забелешки кон Пендаровски и неговиот настап.
Слично се случи и по пораките кои Пендаровски ги упати од Приштина, каде што среде кампања за претседател на суверена држава, која е кандидат за членство во ЕУ и во НАТО, ја претстави Македонија во недолично светло и за споредување со држави од третиот свет.
Кон тоа може да се додаде и редовната секојдневна преписка меѓу видни членови и поддржувачи на опозицијата, кои меѓусебно јавно ги преиспитуваа сите чекори на опозицијата. Таа преписка пред очите на јавноста не запре ниту во текот на кампањата.
„Почетокот“ ги одби гласачите
Овие избори, сакале да признаат во опозицијата или не, потврдија дека тоа што го бара гласачот е континуитет кој нема да го врати на почеток. А, токму тоа беше целата кампања на опозицијата. Гласачите повеќе веруваа на зборовите дека камен на камен нема да остане или дека ќе се сменат сите од директор до хигиеничарка, спроти враќањето на насмевките на лицата бидејќи сите ќе бидеме средна класа. Континуираното негирање на сѐ што е постигнато во овие осум години само се надоврза на таа слика. Та дали биле субвенции или вработување во некоја од странските компании, или решение на дивоградбите, или решавање на станбеното прашање, или кој било дел од општествените промени, не може да се негира. Промените најавени од опозицијата значеа само едно – нивно укинување. И сѐ додека опозицијата ги негира и ветува комплетно нов почеток – резултатот ќе биде ист.
А, телевизиите? Тие ќе продолжат да бидат пренесувачи на информациите и најголема и најевтина забава за граѓаните.
(Пишува: Наум Стоилковски | Фото: Република
Текст објавен во 87. број на неделникот „Република“, 2.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


