| четврток, 6 декември 2018 |

Моето семејство е мојата најголема поддршка

Новоформираната фондација на македонската топ-моделка ќе им помага на дечињата од социјалнозагрозените семејства во Македонија

Ја викаат најубавата Македонка, а, освен како занает, својата убавина отсега ќе ја искористи и во хуманитарни цели. Катарина Ивановска стана манекенско откритие уште на 16 години. Работејќи повеќе од успешно со модни куќи како „Долче и Габана“, „Диор“, „Валентино“, „Викторија сикрет“, за своето речиси децениско искуство и работа на модните писти и пред фотоапаратите вели дека е нејзин остварен сон.

Со новоформираната фондација која го носи нејзиното име, таа ќе исполни уште една своја желба – да помогне.

– Сега е момент да уживам во тоа што го создадов. Имам 25 години и одлучив дел од сопственото време да го посветам на филантропски активности од ваков тип – ја почнува својата приказна Катарина.

Фондацијата ќе работи и ќе дејствува за поддршка во процесот на лекување деца од социјалнозагрозени семејства во Република Македонија.

– Целта на фондацијата е да придонесе во морална и материјална смисла кон една ранлива категорија граѓани, директно и индиректно да се помогне во решавањето на нивните проблеми, како и да се поттикне еден поголем општествен слој во напорите да се спасат што повеќе детски животи – вели таа.

Katarina-Ivanovska-2

Во рамки на фондацијата ќе има тим од доктори, стручњаци од повеќе области, чие професионално мислење ќе одреди во кој момент кое дете и семејство треба да добијат помош. Таа вели дека желбата за помош и поддршка на тие дечиња и семејства ја има веќе подолго време.

– Нема поголема болка за родителите од тоа да гледаат како нивното дете страда, а се немоќни да помогнат. Сѐ работам со огромна љубов и секогаш наоѓам начин преку иновативни идеи да ги реализирам зацртаните цели. Оттука, верувам дека со една посветена и плодотворна работа ќе успеам да ѝ помогнам на оваа група семејства – вели Ивановска.

Фондацијата ќе работи врз основа на план и утврдена годишна програма за работа вклучувајќи повеќе активности, како организирање конкретни програмски активности, спроведување проекти, организирање хуманитарни коктели и слично.

– Нашиот прв проект веќе го најавивме, а тоа е хуманитарна продажба на дел од мојата прва колекција на летни маички, под модната марка „парго“, кои од следниот месец ќе бидат во продажба во кафе-барот „Концепт 37“ и во „Калдрма“ во Старата чаршија, како и за сите учесници и гледачи на Скопскиот маратон, кој ќе се одржи на 11 мај оваа година – вели таа.

Katarina-Ivanovska-3

Таа вели дека уште кога ја најавила идејата меѓу најблиските, нивните реакции биле многу позитивни.

– Моето семејство е мојата најголема поддршка, но, секако, ја имам и поддршката од моите блиски пријатели. Кога официјално ја најавив фондацијата, ми пристигнуваа честитки од многу пријатели, како и од луѓе што не ги познавам, што ми е навистина мило – вели Ивановска.

Покрај Катарина, како нејзин основач и управител, во фондацијата работи нејзин тим, кој ќе се погрижи за сѐ да функционира беспрекорно кога таа нема да е тука.

– Со мојата работа никогаш не се знае, денес сум тука, утре имам снимање во Бразил, задутре на Бахамите, па, пак, дома и сѐ така – се смее таа.

Во Македонија Катарина е некаде до средината на мај, а потоа заминува за Њујорк. Но, вели дека кога и да има снимање во Европа, не ја пропушта можноста да се врати дома. Сега со уште една причина повеќе.

 

(Пишува: Марина Костовска | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 86. број на неделникот „Република“, 25.04.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top