Турската полиција употреби солзавец и водени топови за да спречи демонстранти во Истанбул да пристигнат на плоштадот Таксим каде властите забранија митинзи за денешниот Меѓународен ден на трудот.
Групи луѓе се собраа во квартот Бешикташ со намера да заминат на плоштадот Таксим за првомајска манифестација. Демонстрантите не ја почитуваа наредбата на полицијата, по што кон нив беа употребени водени топови и солзавец.
Тензии има и во истанбулскиот кварт Окмејдан каде полицијата исто така употреби солзавец врз демонстранти кои возвратиле со Молотови коктели. Опожарено е едно полициско возило, јави турската телевизија НТВ.
Слично сценарио се одвиваше и лани на овој ден кога најмалку 16 лица беа повредени, а 20 уапсени во судирите меѓу илјадници демонстранти и полицијата во центарот на Истанбул, откако властите не дадоа дозвола за организирање на традиционалниот првомајски собир на плоштадот Таксим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


