Република Македонија вчера, како и пред две недели за првиот круг претседателски избори, одржа исклучително организирани, демократски, фер, слободни и квалитетни избори со што уште еднаш се покажа дека македонските граѓани имаат висока политичка свест за значењето на изборите за одвивањето на севкупните политички, правни и општествени текови во државата, смета универзитетската професорка Татјана Каракамишева- Јовановска, објави „Курир“.
– Имаме кристално јасна изразена волјата на граѓаните која никој поединечно, и ниту една политичка партија, како колективитет, нема право да ја доведе под знак прашалник, освен ако изборните, и подоцна судските органи преку правните механизми и постапки, согласно законските одредби, не донесат одлука за нејзино ревидирање, а врз основа на правно докажани и аргументирани нерегуларности во текот на изборниот процес. Доколку во текот на наредните денови опозицијата не поднесе приговори за евентуални констатирани изборни нерегуларности, во кои тие во законита постапка би докажале дека имаат влијание врз конечната распределба на мандатите, или доколку тие одлучат да поднесат приговори само формално, без истите да имаат суштествено влијание врз крајните изборни резултати, официјалниот исход од предвремените парламентарни избори и официјалниот легитимитет на владејачката коалиција е неприкосновен – вели Каракамишева-Јовановска за „Курир“.
Таа смета дека сценариото на СДСМ за непризнавање на изборните резултати е уште едно во низата погрешни политички чекори на раководството на оваа партија чија што основна цел не е политичка конструктивност и политичка одлука која треба да биде за доброто на земјата, туку напротив.
– Ова сценарио на СДСМ е сценарио за ставање на Република Македонија во жива кал кое мора навремено да биде превенирано и стопирано со мудри политички потези со цел одржување на политичката стабилност на земјата. Опозицијата не смее да заборави дека има и дека носи голема политичка одговорност за своите постапки во земјата, и дека секој непромислен чекор во политичкото делување може да оди на штета на сите граѓани во земјата, вклучувајќи ги и оние кои им ја дале довербата и кои веруваат во политиките на опозицијата. Се надевам дека претседателот на СДСМ, господинот Заев, и целото партиско раководство во текот на денешниот ден ќе станат свесни за тежината на вчера изнесените ставови и квалификации и дека ќе изнајдат начин како двојниот пораз да го издржат машки и достоинствено – вели универзитетската професорка.
Таа додава дека сите останати чекори на продуцирање вештачка криза во земјава со евентуалното повлекување на пратениците од Собранието на РМ, предлогот за формирање техничка влада и повторно организирање парламентарни избори се погубни чекори, кои не само што нема да ја одржат во живот нивната политичка кариера, туку сериозно ќе го навлечат гневот на мнозинството граѓани кои вчера одлучија и го трасираа патот за развој на стабилна Македонија во наредниот мандат од четири години.
– Вчера во РМ се случи народ, се легитимираше волјата на мнозинството граѓани, се случи демократија пред очите на сите. Изгледа затоа поразот на опозицијата е толку болен – заклучува Каракамишева-Јовановска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ја турка ли СДСМ државата во меѓународен блам?
-
СДСМ ВО 2014: Ерга омнес е неприфатливо
-
Тања Каракамишева: Знае ли точно Камбовски колку прекршувања на Уставот и на законот за референдум се направени со фалично донесената одлука?
-
СДСМ: Граѓаните се за светла иднина, само Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат јасен став за референдумот



