
Заглавени луѓе во лифт во висококатници – тоа е причината поради која претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ доби преку 123.000 гласа повеќе од претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски. Така барем вели откритието на претседателот на невладината организација „Цивил“, Џабир Дерала.
– Добивме поплаки и информации од граѓани и граѓанки кои живеат во пет висококатници во Кисела Вода и во Капиштец дека лифтовите им биле заглавени. Слично нешто се случи и на минатите локални избори во 2013 година, во висококатници во Капиштец кога од два лифтови во зградата, двата не работеа – рече тој.
Секој со свои пресметки, анализи и прогнози. Секој со свои убедувања. Некои реални, некои банални и смешни. Реалната слика ја кажа ДИК – 122.953 гласа предност за Иванов.
На што се должи огромната разлика меѓу Иванов и Пендаровски од речиси 123.000 гласа? Оваа разлика, според аналитичарите, значи дека Иванов веќе има, условно кажано, загарантирана победа во вториот изборен круг.
– Оваа разлика ги надмина дури и најоптимистичките прогнози за ВМРО-ДПМНЕ, а воедно и реакцијата од штабот на СДСМ по добивањето на резултатите укажува дека целокупната стратегија на оваа партија за претседателските избори е во тотален распад – изјави политичкиот аналитичар Ивица Боцевски.
Аналитичарите коментираат дека една од причините за големата разлика во гласовите има двојната кампања за која се одлучи ВМРО-ДПМНЕ, односно што не го остави Иванов сам да оди на кампања. Во ниту еден случај не се одвои претседателскиот кандидат од партијата што го поддржува, ниту, пак, партијата му сврти грб или го остави сам.
– Од друга страна, кај СДСМ имавме две кампањи. СДСМ водеше една, а Пендаровски беше оставен сам да води друга кампања. Тогаш реков дека и да освои определени гласови од неопределените, ќе изгуби одредени гласови од поддржувачите на СДСМ, како што и се случи – коментира Владимир Божиновски.
Друга причина за тие 123.000 гласа разлика, според аналитичарите, е што на овие избори Македонците гласаат за труд, гласаат за работа, гласаат за проекти и за отчет, нешто што опозицијата не го понуди. Најголемата грешка на СДСМ е што избра погрешна стратегија – наместо критики, црна кампања и незаснован оптимизам, требаше да се насочи кон конкретни проекти и придобивање на независните гласачи. Тие на избори излегоа без платформа и конкретна понуда. Ставот дека ќе го кажам својот став за клучните работи кога граѓаните ќе ми дадат легитимитет не носи гласови. Па, затоа наместо да бараат виновници и да заговараат наводна кражба на гласови, време е да се свртат кон сопствените грешки и да ги исправат. Две недели е прекраток период за исправање на грешките, но тоа треба да им биде добра лекција пред локалните избори кои треба да се одржат во 2017 година. Дотогаш, коментираат познавачите на состојбите, имаат доволно време да го сменат правецот на движење и да се тргнат од сегашниот пат кој ги води до пропаст. Статистиката вели дека сите промени почнуваат на локално ниво, односно промените на власта доаѓаат на локални избори. Убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на минатогодишните локални избори е само најава за дебаклот кој опозицијата го доживеа на овие избори, коментираат аналитичарите.

Резултати за дебакл на СДСМ
Според политичките аналитичари, гласот за Иванов е глас за ВМРО-ДПМНЕ, гласот за ВМРО-ДПМНЕ е глас за Иванов. Според тоа, на овие избори ВМРО-ДПМНЕ доби 449.068, што е подобро од резултатите од последните парламентарни избори во 2011 година. Велат, предноста на Иванов, а со тоа и на ВМРО-ДПМНЕ, е што водат заедничка кампања, за разлика од противкандидатот Стево Пендаровски, кој оди одделно на митинзи. Тука не важи правилото дека гласот за Пендаровски е и глас за СДСМ и гласот за СДСМ е глас за Пендаровски. Партијата и кандидатот одат одделно, а тоа скапо го чинеше Пендаровски, уште поскапо ќе го чини СДСМ.
– Дел од граѓаните што се демотивирани од СДСМ, може да се приклонат кон ГРОМ. Јакимовски за три месеци успеа да освои 30.000 гласачи. Тие што, можеби, го поддржале Пендаровски и тие што можеби не се сигурни поддржувачи на СДСМ, многу лесно можат да се свртат кон него. Тоа особено може да се случи во две општини – Карпош и Центар. Очекувам дека во овие две општини сегашната разлика, која е во корист на Пендаровски, на парламентарните избори да биде или многу помала или работите да се свртат во корист на ВМРО-ДПМНЕ – вели Владимир Божиновски.
Слична прогноза има и новинарот Зоран Димитровски, кој смета дека СДСМ може да ги заврши парламентарните избори со само 260.000 гласа.
– Може да се случи СДСМ на парламентарните избори да има бројка од 260.000-270.000 гласа и тоа да биде резултат, што е за 100.000 помалку од минатите парламентарни избори, што гледано од аспект на тоа како СДСМ минувал на сите претходни избори, ќе треба Заев веднаш да поднесе оставка – смета новинарот Зоран Димитровски.
Таквите бројки се силен влог и поттик и за парламентарните избори. Аналитичарите велат дека сега се гледа дека целта што си ја постави ВМРО-ДПМНЕ – 62 пратеника – е достижна.
– Со разлика од повеќе од 100.000 гласа веќе може да се зборува за она што е цел на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Никола Груевски, односно за 62 пратеника или апсолутна власт. Јавното мислење во Македонија тешко се менува. Тие 120.000 може да бидат и 140.000, што носи апсолутно мнозинство – вели Божиновски.
И Боцевски смета дека, по резултатот од првиот круг, е јасно оти ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе победи и на 27 април и владејачката коалиција ќе освои дваесетина пратеници повеќе од опозицијата.
– Доколку ВМРО-ДПМНЕ сака 62 пратеници, тие мора да го надградат овој резултат со уште поинтензивна кампања во следните две недели, за победата на 27 април да биде уште поубедлива – вели Боцевски.
И математиката на новинарот Бранко Геровски оди во прилог на целта на ВМРО-ДПМНЕ за апсолутно мнозинство.
– Дел од оние 320.000 гласа за Пендаровски се симпатизери на други партии, пред сѐ на ВМРО-НП. Ама и на Алијансата на Зиков и Бучко. Веројатно делумно и на ГРОМ. И по некој либерал. На 27 април сите тие ќе гласаат за Стево, ама и за своите партии. Објективно, мислам дека од тие 320.000 гласа, чисто сдсмовски не се повеќе од 280.000. СДСМ ќе има 280.000 гласа од првиот круг и уште 40.000 згора од вториот круг. Значи, 320.000 гласа. Тоа е помалку од изборите во 2011 година (370.000). Значи, помалку пратеници – пресмета Геровски.
Во претходниот парламентарен состав по изборите во 2011 година ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ ги претставуваа 56 пратеници, а опозициската коалиција доби 42 пратеници. Тогаш ВМРО имаше 438.138 гласа, а СДСМ 368.496. ВМРО-ДПМНЕ има реални шанси да го повтори успехот од парламентарните избори во 2011 година кога 481.501 глас му донесоа 63 пратеника. Тогаш СДСМ освои само 233.284 и влезе во собранието со 27 пратеника.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 85. број на неделникот „Република“, 18.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)


