| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува изборниот молк, Македонија гласа в недела

Pretsedatelski izbori prv krug 2014  (10) (Custom)

Изборната кампања за предвремените парламентарни избори и за вториот круг од претседателските избори заврши. На претседателските избори граѓаните ќе можат да избираат меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и досегашен претседател, Ѓорге Иванов, и на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски.

Оваа година првпат на претседателски избори право на глас имаа и македонските државјани во странство. Во рокот беа прифатени пријавите на 8.332 македонски државјани, кои имаа можност да гласаат вчера, на ден пред изборите, на 34 избирачки места во изборните единици седум (Европа и Африка), осум (Северна и Јужна Америка) и девет (Австралија и Азија).

За предвремените парламентарни избори, кои се трети по ред и трети во низа во Македонија, а осми парламентарни, се поднесени 14 листи со кандидати за 123 места во парламентот. Листи поднесоа пет коалиции и девет политички партии.

Пратениците се избираат според пропорционалниот модел во Македонија, а според мнозинскиот во дијаспората. Територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици и во секоја се избираат по 20 пратеници, а тројца пратеници се избираат во дијаспората – по еден пратеник од трите изборни единици: Европа и Африка, Северна и Јужна Америка и Австралија и Азија.

Право на глас на предвремените парламентарни избори имаат 1.780.128 граѓани. По изборни единици за парламентарните избори во првата ИЕ се запишани 297.686 гласачи, во ИЕ 2 306.067, во ИЕ 3 280.891, во четвртата ИЕ 280.810, во ИЕ 5 286.434 и во шестата 304.458 гласачи. Најмногу пријавени за гласање во дијаспората има во ИЕ седум (Европа и Африка) 18.911, во осмата (Северна и Јужна Америка) 3.337, додека во ИЕ 9 (Австралија и Азија) 1.534.

Денеска гласаат дијаспората, затворениците, лицата во домашен притвор, внатрешно раселените лица и болните и немоќните лица.

За следење на претседателските и предвремените парламентарни избори се акредитирани преку 9.000 домашни и повеќе од 400 странски набљудувачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top