| четврток, 6 декември 2018 |

Традицијата вели дека Атлетико Мадрид ќе биде нов европски шампион

Со победата од 1-0 над Барселона на „Винсенте Калдерон“, Атлетико Мадрид ја продолжи битката за тронот во Европа.
Според традицијата, секоја екипа што ја елиминирала Барселона од Лигата на шампионите во нокаут-фазата подоцна во истата сезона станува шампион.
Ова се повторува од 2008 година кога каталонскиот гигант загуби од Манчестер јунајтед во полуфиналето со вкупен резултат од 1-0. Манчестер таа година во финалето го совлада Челси на пенали.
Во 2009 година Барселона го освои трофејот во ова натпреварување, додека во 2010 година Интер со вкупен резултат од 3-2 ја елиминараше Барселона во полуфиналето и во финалето беше поуспешен од Баерн Минхен.
Следната година Барселона повторно ја освои лигата, а една година подоцна во 2012 година Челси беше тимот што го сопре гигантот од Каталонија на патот до финалето совладувајќи го со вкупен резултат 3-2, за подоцна во финалето Челси го крена пехарот со победата над Баерн Минхен на пенали.
Минатата година баварскиот тим Баерн Минхен ја освои титулата, а во полуфиналето ја победи токму Барселона со вкупен резултат во двомечот од 7-0. Во финалето Баерн беше поуспешен од Борусија Дортмунд.
Оваа сезона Атлетико Мадрид ја елиминираше Барселона во четврт-финалето со вкупен резултат од 2-1 и ако продолжи традицијата, тимот на Диего Симеоне може да се радува на пехарот во ова натпреварување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top