| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на книга од Владимир Мартиновски во Градска библиотека

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ организира промоција на книгата „Зоон поетикон – аспекти на современата македонска поезија“ од Владимир Мартиновски, добитник на наградата за литературна критика „Димитар Митрев“ на ДПМ за 2013 година. Промоцијата ќе се одржи денеска напладне, за награденото дело ќе говори проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, а фрагменти од книгата ќе интерпретира актерот Томе Витанов.

Владимир Мартиновски е поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач. Работи како вонреден професор по предметот компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Автор е на повеќе книги есеи, книжевно-теоретски студии и книги поезија. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2010 година.

Наградената книга „Зоон поетикон – аспекти на современата македонска поезија“ претставува вредно збогатување на македонската критика и херменевтика на поетското творештво. Во книгата се поместени триесет есеи кои зафаќаат широк спектар поетски објави од различен вид и тие се напишани со истенчено чувство за поетската уметност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top