| четврток, 6 декември 2018 |

Канада во потрага по квалификувани работници и доселеници

Канада најави дека ќе воведе нов модел на активнo увезување на економски имигранти наречен „Брз влез” („Quick Entry“).

– Овој модел ќе биде револуција во начинот на привлекување квалификувани доселеници и ќе им овозможи да добијат брзо вработување – рече канадскиот министер за државјанство и имиграција Крис Александар.

Проектот „Брз влез” ќе започне од јануари 2015 година и ќе обезбеди поголема флексибилност и побрзо исполнување на барањата за работна сила за оние работни места за кои нема доволно Канаѓани.

Кандидатите за работа и преселба кои имаат валидна понуда за работа во Канада ќе можат многу брзо да аплицираат за статус на постојан жител.

Новата програма е наменета за квалификувани и професионални кандидати и им овозможува на владините агенции да ги изберат најдобрите, дури и пред оние кои во моментов се на прво место во листата.

Се очекува оваа програма да спречи натрупување на барањата за жителство, бидејќи тие ќе се решаваат во период не подолг од шест месеци од денот кога кандидатот добива покана да дојде во Канада од страна на еден од четирите државни програми за прилив на квалификувана работна сила.

Од 2006 до 2013 година во Канада се преселиле рекорден број на луѓе по разни основи, во просек од 257.000 секоја година. Минатата година, речиси 130.000 имигранти добија канадско државјанство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top