Кокичето замина во историјата. Весникот на пролетта си го одработи своето, а, всушност, го пензионираше еден капетан?! Токму така – капетан Чарлс Бојкот (1832-1897), англиски офицер и надзорник на имот, кој поради методите на работа станал омразен кај земјоделците, кои одбивале да го спроведат бараното, од каде и доаѓа поимот. Но како бојкотот стана предвесник на пролетта во Македонија? Две години по ред ова годишно време ни почнува со најави за изборен бојкот, а кокичињата веќе никој и не ги забележува. Всушност, кај нас кокичињата не ги пензионираше капетан Бојкот, туку двајца политички лидери, минатата година еден од македонскиот блок – Црвенковски, сега од албанскиот – Ахмети.
Во 2013 година локалните избори ги одбележи неуспешниот бојкот на Бихаќка, годинава, пак, омиленото орудие на СДСМ го зеде на заем Мала Речица и го пренасочи на претседателските. Минатогодишните пишман-аџии, откако повеќе од три месеци го користеа како главно средство за заплашување т.е. за привлекување внимание, за два часа ги премисли Штефан Филе. При изборното соочување што следуваше, бојкотот и протестите се покажаа како катастрофална, недобитна комбинација. Ќе реагираат ли и сега странците, или етничкиот момент создава нова ситуација во која тие секогаш ја заземаат страната на помалобројниот или, во најдобар случај, во недостиг од аргументи, ќе премолчат?
Двете улички од Скопје и од Тетово ја замешаа работата и во друга насока. Челниците им се сретнаа за да преговараат за консензуален претседател, во обид да ја повторат кумановската прикаска со изборот на градоначалник, ама залудно. Или не е токму така? Како и да е, и двете страни си пратија заводнички ишарети, првите преку Мехмети, која прво емотивно протолкува дека едниот кандидат би можел да биде и консензуален, но по очигледните „воспитни“ мораше да се поправи и да се демантира. Вторите тоа го направија индиректно преку своите писари, кои, сериозно, мошне гласно и јасно ја „лајкуваа“ и бендисаа идејата за консензуален претседател, за да потоа во своите беседи лошо да ја образложат „потребата“, која на крај, меѓу редови, се покажа како обична потреба за внимание и бесрамно кокетирање во контекст на старата прикаска во која ако треба ќе се заигра и со ѓаволот, само за да се оствари целта, или беше власта…

Надворешниот фактор без реакција на африканските методи
Потегот за бојкот на претседателски избори светот го препознава како политички акт карактеристичен за Африка. Од 1991 година, па сѐ до 2003 година, во шест африкански држави се случил бојкот на демократското право за избор на шеф на државата. Следните 10 години овој политички чин не се практикуваше ниту во Африка за во 2013 година да стане дел од изборите во Пакистан, а во 2014 година и во Македонија. До веќе споменатите Того, Мали, Буркина Фасо, Брегот на Слоновата Коска, Гвинеја и Алжир нѐ приближи Али Ахмети и неговиот сон за консензуален претседател. Или таков, или никаков – ова е ставот на Мала Речица, која има голема желба за менување на Уставот. Залудни се уверувањата на Ахмети дека што и да се случи, нема да има политичка криза.
ДУИ, поради големата почит кон надворешниот фактор и багажот од 2001 година, бојкотот го прекрсти и замота во активна работа за пропаст на изборите за претседател?! Многумина искоментираа дека за да не ја навредуваат интелигенцијата на граѓаните, можеа да поработат малку повеќе и да изберат други, посериозно склопени зборови и реченици, кои би имале и некаква смисла. Истиот тој фактор, пак, барем засега, не го засегна многу проблемот. Двојните аршини на Вашинтон и на Брисел ѝ се добро познати на Македонија, а од досегашното горко искуство, работите најдобро поминуваат кога се замотани во вечното пакување на божемните човекови права и слободи. Тука, во преден план доаѓа моментот во кој, барем во минатото, албанските партии ја поистоветуваа Македонија токму со споменатите Брегот на Слоновата Коска и Того, чин на кој албанските партии сега ќе мора да почекаат бидејќи во моментов споредбата со недемократските режими е ексклузивно и главно орудие на македонската опозиција. На овие држави од црниот континент, благодарение токму на опозицијата, освен со бојкотот, ќе им се доближиме и со мастилавиот прст со кој ќе излеземе по гласање, иако, за волја на вистината, овие африкански општества веќе одамна ја немаат таа силна демократска придобивка на жигосување на сопствениот народ…

Европеизација наспроти африканизација на Македонија
Македонија е повторно феномен – со африкански и со јужноамерикански политички манири се бара забрзување на евроинтеграциите?! Според Антонио Милошоски, поранешниот министер за надворешни работи, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и последен претседател на собраниската комисијата за надворешни работи, останува отворено прашањето за заткулисните комбинации на ДУИ. Според претседателот на ГРОМ и градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, пак, ова е јасен маркетиншки потег на Ахмети за затскривање на сопствената неспособност и лоши резултати.
Милошоски: ДУИ е контрадикторна во своите ставови затоа што декларативно говори дека е за постабилна Македонија, а најавената саботажа на претседателските избори не претставува ништо друго, туку потег што би ја ослабнал стабилноста на државата и економски и политички и меѓунационално. ДУИ е контрадикторна во својата теза за консензуален претседател затоа што досега никогаш не сме слушнале дека предложила консензуален градоначалник на Тетово или на Гостивар или на Чаир. Следната контрадикторност на ДУИ е во нејзината декларативна заложба за европеизација на општеството, но каква би била таа европеизација на Словачка како членка на ЕУ, доколку унгарската етничка заедница не го признава демократски избраниот претседател на Словачка. Што би значела европеизацијата на Естонија и на Латвија, доколку многубројната руска етничка заедница би го оспорувала или активно би работела против изборот на претседателите на овие две членки на НАТО и на ЕУ?! И на крајот, зошто ДУИ за сите овие пет години додека Иванов е претседател на државата не изнесе ниту една посериозна или суштинска критика за начинот на неговата работа, ниту за неговата политика? Затоа се поставува прашањето – дали ваквото дејствување на ДУИ се води од искрени намери или, сепак, е дел од некои заткулисни комбинации.
Јакимовски: Јас не мислам дека за ДУИ е толку битен претседателот на државата, кој е само симбол на државноста и, реално, е со многу мали ингеренции и уставни овластувања. Повеќе мислам дека ДУИ со ова прави еден маркетиншки потег пред своето гласачко тело за да биде проактивна бидејќи постигнатите резултати на планот на евроинтеграциите и на влезот во НАТО не им се соодветни на ветувањата што ги даваа пред да ги земат овие два исклучително значајни ресори во свое владение.
Барањето за консензуален претседател е дел од класичната игра за божемната обесправеност, која подоцна се користи како двигател за етничко одржување на власт, вели Милошоски. И Јакимовски е јасно против оваа консензуална идеја.
Милошоски: Не, ултимативната цел на ДУИ не е избор на претседател на државата во Собрание, туку федерализација на Република Македонија како држава. Менувањето на Уставот за избор на претседател од страна на Собранието е само првиот посакуван чекор. ДУИ сѐ уште дејствува во следниов стил: постави етничко барање до државата, кое знаеш дека нема да ти биде исполнето, и користи го неисполнувањето како изговор за обесправеност, како причина за фрустрација, како гориво за етнополитика за одржување на власт. Ваквото дејствување не е ниту принципиелно, ниту европско, ниту искрено спрема гласачите.
Јакимовски: ГРОМ е против ваков предлог затоа што тогаш претседателот на државата ќе биде предмет на пазарење и ако имаме нестабилна влада ќе имаме и нестабилна претседателска функција. Впрочем, здраво е за демократијата во Македонија да имаме влада од една, а претседател од друга политичка партија, односно ако владата е од една партија, да речеме владејачка, претседателот да биде од друга – опозициска партија.
Смислени или стихијни потези на Бихаќка?!
Можеби е разбирливо за албанските партии јасно и гласно да ја оправдаат идејата на ДУИ за избор на консензуален претседател, иако и тоа е под знак прашање, но помалку беше очекувано да ја поддржат добар дел и од македонските медиуми, предводени од т.н опозициските пера. Во политиката, во животот, а особено во предизборието и во коалициските игри, па и во СДСМ, ништо не е случајно. Со ова не се согласува Јакимовски, кој вели дека во оваа партија многу потези се стихијни. Милошоски, пак, потсетува на цената на ваквите потези од владиниот партнер ДУИ.
Јакимовски: Мислам дека многу грешите кога велите дека во СДСМ ништо не е случајно. Напротив, мислам дека тие се преокупирани со внатрешните превирања и се однесуваат недоволно внимателно кон олку битни прашања. За можните „коалициски игри“ на овој начин, како што велите, „Бихаќка“ нонстоп се обидува да кокетира со ДУИ, но ВМРО е многу посилна од СДСМ, па партнерството се прелева на таа страна и напорите на СДСМ остануваат само на желби.
Милошоски: СДСМ е партија во транзиција и во овој момент нема кохерентно дејствување. Главната цел на социјалдемократите е како да се дојде до власта, сѐ друго, па и средствата за стигнување до оваа цел, се подведени на нивниот популарен принцип на „свиткана кичма“. Знаеме дека во изминатиов период СДСМ и ДУИ имале комуникација на повисоко политичко ниво со цел да се разгледаат можностите за повторна примена на „кумановската изборна соработка“ од локалните избори, кога СДСМ и ДУИ се договорија за избор на актуелниот градоначалник. Ваквите потези на СДСМ за нас не се изненадување, подготвени сме на сите околности, а одговорот на заткулисната политика СДСМ многу јасно ќе го слушне преку гласот на народот, на денот на изборите. Но, како учесник во владината коалиција, ДУИ би требало да знае дека ваквите нефер и заткулисни игри си имаат и свој ризик и своја цена. Сепак, ваквите комбинации само ни даваат дополнителна мотивација за уште посилен предизборен ангажман и двоен успех на изборите на 27 април. Народот избира и народот е секогаш во право.
(Пишува: Љупчо Цветановски
Текст објавен во 80. број на неделникот „Република“, 14.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



