Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, во интервју за МРТВ најави нови инвестиции со неколку илјади нови вработувања, кои треба да се реализираат годинава, и тоа во општини каде што досега нема странски инвестиции.
– Имаме во најава неколку крупни инвестиции за оваа година, кои ќе донесат уште неколку илјади нови работни места, и во оваа фаза, нормално, не може да се зборува за имиња, но може да се каже дека нашата цел е дел од тие инвестиции да завршат во градови, во општини каде што претходно немаме странски инвестиции, со цел и таму да имаме вработувања на поголем број луѓе – рече Ставрески во интервјуто.
Како што нагласи Ставрески, долгогодишните напори на Владата веќе дале резултати и благодарение на тоа Македонија ќе стане успешна приказна во делот на странските инвестиции.
– Имаме присуство на повеќе глобални компании – светски компании, кои по втор, а некои и по третпат се одлучуваат да инвестираат во нови фабрики. Покрај нив и нивните добавувачи постепено решаваат да дојдат поради присуството на овие глобални имиња. Велат: штом „Џонсон Мети“ и „Џонсон Контролс“, „Кемет електроникс“ или „Дрекслер Мајер“ решиле да влезат во Македонија и по вторпат некои решиле да инвестираат, тоа е потврда дека оваа земја има добра бизнис клима, дека Владата е сериозна и обезбедува транспарентност и добри услови за бизнис, ниски даноци, има квалитетна работна сила во земјата, добро се опремени слободните економски зони, инфраструктурно и сето тоа им влева сигурност на инвеститорите – посочи тој.
Во текот на 2014 година, посочи Ставрески, само во постојните фабрики ќе се вработат околу 6 илјади лица, кои заедно со претходната бројка од шест и пол илјади ќе донесе бројка од 12,5 до 13 илјади вработувања во слободните зони и во индустриските зони.
Според него, ова е една сериозна бројка, што, како што рече, добро дојде за намалување на невработеноста како клучна цел на Владата.
– Оваа стапка што ја остваривме со намалувањето на невработеноста под 30 проценти, а последната од 28,7 проценти, покажува дека чекор по чекор и во вакви тешки времиња какви што беа претходните години, да имаме намалување на невработеноста – заклучи вицепремиерот Ставрески во интервјуто за МРТВ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


