| четврток, 6 декември 2018 |

Како да преживеете пад на авион

Поголемиот број луѓе веруваат дека првата мисла кога авионот почнува да паѓа, би ви била дека со вашиот живот е готово, но статистиката и искуството го покажуваат спротивното.

Во авионската несреќа на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ на аеродромот во Амстердам пред неколку години, од 134 патници преживеале 125. Уште еден пример е и авионот што се урна во реката Хадсон во САД кога сите патници преживеале.

Податоците обезбедени од американската влада покажуваат дека дури 95,7 проценти од патниците што биле дел авионска несреќа во периодот од 1983 до 2000 година преживеале. Дури и во најлошите авионски несреќи во текот на овој период, повеќе од половина од патниците ја преживеале несреќата.

Статистички гледано, само една несреќа се случува на 1,2 милион летови, а главен фактор за нивниот сѐ помал број, покрај развиената технологија, е и добрата обука на екипажот.

Меѓутоа, за да се преживее авионска несреќа, голема улога имаат самите патници. „Си-Ен-Ен“ дава некои совети за тоа како да се преживее авионска несреќа:

Прво, направете план. Кога влегувате во авионот, запознајте  се со околината. Пребројте колку реда има од вашето место до најблискиот излез.

Секогаш слушајте ги безбедносните инструкции пред летот и не претпоставувајте дека сето тоа го знаете бидејќи секој авион има свои правила.

Ако седите од страната на вратата, проучете ја и бидете сигурни дека знаете како да ја отворите во случај на несреќа.

Бидете внимателни со облеката, високите потпетици сигурно нема да ви бидат од помош.

Ако дојде до пад на авионот, најважно е вашето тело да остане загреано колку е можно подолго.

Ременот секогаш треба да биде врзан, но неколку пати откопчајте го, за инстинктивно да знаете како да реагирате во случај на вонредна состојба.

По несреќата, проверете дали има елеци за спасување пред да излезете од авионот, но не дувувајте го додека сте внатре бидејќи нема да можете да нуркате ако за тоа има потреба.

Ако мора да го напуштите авионот преку тобоганот за спасување, секогаш скокајте со нозете напред, а со рацете вкрстени на градите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top