| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ без конкретни санкции кон Русија

eu zname

Шефовите на држави или владите на земјите-членки на Европската унија на денешниот вонреден Самит посветен на ситуацијата во Украина, не се договорија за воведување на конкретни санкции кон Русија поради воената интервенција во Крим.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, по завршувањето на Самитот претседателите на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, и на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо, објавија дека Унијата донела план во три чекори, кој ќе биде применет во случај на неуспех на дијалогот меѓу Киев и Москва, и предвидува казнени мерки и ќе влијае на односите на Брисел со Руската Федерација.

– Ова е најсериозниот предизивик за безбедноста на европскиот континент по балканските војни. Затоа го свикав овој вонреден состанок, кој го почнавме со размена на информации со украинскиот премиер Арсениј Јацењук. Тоа беше прв ваков состанок на лидерите на ЕУ со претставник на земја што не е дел од Унијата за време на мојот мандат, што говори за сериозноста на ситуацијата. Целта на овој Самит беше, прво Русија и влијанието од нејзините постапки врз нашите односи, а потоа и Украина, односно како најдобро да застанеме зад земјата во овој момент – истакна на Ван Ромпуј на заедничката прес-конеференција со Барозо.

Според првиот човек на Европскиот совет, лидерите на земјите-членки на ЕУ се согласиле за заедничка изјава за ситуацијата со „силно ја осудуваат Русија поради неиспровоцираната акција врз украинскиот територијален интегритет“ и ја повикуваат да ги повлече своите сили и да дозволи пристап на меѓународните набљудувачи.

Одлуката на Парламентот на регионот Крим за одржување на референдум за спојување на полуостровот Крим со Русија, според Ван Ромпуј, е оценета како спротивна на украинскиот Устав и е нелегална.

Барозо, од своја страна, рече дека прв приоритет на ЕУ е договорен и мирен излез од кризата, со почитување на волјата на украинскиот народ. Тој посочи дека брзото потпишување на политичките поглавја од Договорот за асоцијација со Киев ќе ја запечати политичката асоцијација на ЕУ и Украина.

– Исто така, и изразивме поддршката на Украина за економската и финансиската ситуација. Пакетот од 11 милијарди евра помош подготвен од Европската комисија беше прифатен од земјите-членки и клучна е неговата имплементација. Дискутиравме и за енергетската безбедност, што е есенцијално за стабилноста и безбедноста на Украина- рече Барозо.

Запрашан за споредба на конкретните мерки за санкции кон Русија од страна на САД и овие три чекори предложени од ЕУ, претседателот на Европскиот совет, Ван Ромпуј, посочи дека „Американците донеле одлука за некои елементи за визите и слично на генерален начин“, но не и прецизна забрана за патување на конкретни лица, што според него, е случај со мерките што ќе ги превземе Унијата во случај да не дојде до договор.

Првиот човек на Еврокомсијата, пак, посочи дека целта на ЕУ не е да се натпреварува со своите партнери, туку важно е да се креираат вистински услови за мирно договорено решение за Украина.

– Затоа, ЕУ има свои специфичности, а Амeриканците други – рече Барозо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top