| четврток, 6 декември 2018 |

Антиќ се врати, Атланта пак загуби

Перо Антиќ се врати на паркетот во дресот на Атланта, постигна 10 поени, а Хоукс повторно загуби, овојпат од Портланд со 78-102. Првиот македонски кошаркар во најсилната лига на планетата паузираше еден и пол месец, а последен пат пред повредата на скочниот зглоб играше на 22 јануари.

Ноќеска, конечно, повторно заигра, а за 16 минути игра имаше ефект од 10 поени и 4 скока, со шут од поле 3 од 5 и две погодени тројки од 4 обиди. Лоша вест за Хоукс, покрај црната серија од порази, е и тоа што во Портланд се прекина рекордната низа и на Кајл Корвер. Бекот на Атланта до овој дуел постигнуваше барем една тројка во серија на 127 натпревари, што е најдолга низа во НБА.

Против Трејлблејзерс, Корвер се обиде 5 пати за три поени и не погоди ниту еднаш. Атланта има 9 порази на последните 10 натпревари, проблемите со повредите го декласираа тимот, а ноќеска играа против Портланд, состав во кој дури четворица стартери настапија на сите досегашни дуели сезонава во НБА, а само Ламаркус Олдриџ паузираше на 4 меча.

Резултати: Портланд – Атланта 102-78, Шарлот – Индијана 109-87, Орландо – Хјустон 89-101, Вашингтон – Јута 104-91, Бостон – Голден стејт 88-108, Бруклин – Мемфис 103-94, Детроит – Чикаго 94-105, Денвер – Далас 115-110, Милвоки – Сакраменто 102-117, Минесота – Њујорк Никс 106-118.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top