Државната комисија за спречување на корупцијата по денешното распишување на локалните избори соопшти дека во согласност со член 12 од Законот за спречување на корупцијата, ќе го следи целиот изборен процес и во случаите кога постојат основи за сомневање дека буџетските средства или средствата од јавните фондови или средствата од јавните претпријатија и јавни установи или други правни лица што располагаат со државен капитал, како и државниот капитал, се непосредно или посредно, користени за изборна кампања или воопшто за финансирање изборна и друга политичка активност, ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања и ќе иницира постапки во согласност со надлежностите. Во согласност со тоа ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивните надлежности.
Во текот на изборниот период не можат да се користат буџетски средства на Република Македонија, средства од буџетот на општините и градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица што располагаат со државен капитал, освен ако тоа не е утврдено поинаку со закон со кој се уредува финансирањето на изборните кампањи на политичките партии.
Исто така, не може да почне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација и други објекти или на објекти за општествени дејности – училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.
На може да се врши никаква вонредна исплата на плати, пензии, социјална помош или други исплати на буџетски средства или средства од јавните фондови, ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори.
Според членот 13 од Законот за спречување на корупцијата, политичка партија или кандидат на изборите не смеат да прибираат и да користат противправни и анонимни извори на финансирање. Проверката на приливот на средства или други исплати преку банка, по барање на ДКСК не претставува повреда на банкарска тајна.
Комисијата потсетува дека во согласност со членот 14, став 1 од Законот за спречување на корупцијата давањето или ветувањето подарок или друга корист за себе или за друг, на избирач при избори или гласање на референдум, за да гласа или да не гласа или да гласа за определен кандидат или определена одлука, се смета за поткуп при избори и гласање.
Државната комисија во спроведувањето на законската регулатива за спречување на корупцијата во политиката во конкретни случаи и во овој изборен процес ќе остварува непосредна соработка со државните органи, како и со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните, се наведува во соопштението на ДКСК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


