Во индустриската зона Макази во близина на Ресен денеска почна изградбата на комплекс за складирање и преработка на јаболка, инвестиција на фирмата „Епл Ленд“ од Дубаи во износ од пет милиони евра.
На поставувањето камен темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ључо Димовски, директорот на ТИРЗ Виктор Мизо, градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски и претставници од компанијата „Епл Ленд“.
Комплексот, според претставникот на „Епл Ленд“, Франсис Турно, ќе се гради во три фази. Во првата фаза ќе биде опфатена изградба на ладилник со капацитет од пет тони јаболко. Комплексот треба да биде ставен во функција до септември.
– Врз основа на резултатите од првата фаза, ќе продолжи изградбата на целиот комплекс, кој треба да собере десет тони јаболка и да се вработат околу 100 луѓе – рече Турно.
Премиерот Груевски изрази задоволство што по неколкугодишна потрага по инвеститори за оваа дејност и објавените огласи во меѓународни весници Владата успеа да привлече инвеститор во Ресен што, како што рече, беше повеќе од потребно за правилно складирање и калибрирање на овошјето за откуп на дел од јаболката и зголемување на производството, а со тек на време и подобрување на сортите што се произведуваат и прилагодување на желбите на потрошувачите.
– Се надевам дека оваа инвестиција ќе биде само почеток за понатаму да се направат и други инвестиции со цел да се заврши еден дел од проблемот што овој крај го има со откупот за јаболката, но и да се отворат нови работи места, што е и крајна цел на нашите економски политики – рече Груевски.
Тој изрази задоволство што инвеститорите од Дубаи инвестицијата ја почнуваат нецела година од моментот кога првпат дојдоа во Македонија.
– Тоа говори за се поголемата атрактивност на Македонија како земја со одлични услови за инвестирање, но и за ефектите од нашата работа и промоцијата на условите во многу држави во светот – истакна Груевски, додавајќи дека нивниот интерес бил во повеќе области, но сепак одлучиле првата инвестиција да биде со изградба на најсовромен дистрибутивен центар за складирање и преработка на јаболка во индустриската зона Макази. Овоштарството, како што нагласи, години наназад има целосна поддршка од Владата. Тоа го покажува растот од околу 20 отсто на годишно производство на јаболка во последните четири години.
– Најголем дел од производството на јаболка традиционално е во ресенскиот регион. Токму поради тоа новиот откупен центар „Епл Ленд“ ќе биде од особено значење за откупот, дистрибуцијата и извозот на ресенското јаболко до пазарите во Средниот Исток – рече Груевски.
Во современите ладилници јаболката, како што посочи министерот Димовски, ќе може да се чуваат до десет месеци со ист квалитет од денот на бербата до продажбата без никакви загуби или влијание врз квалитетот и класата.
– Ладилникот е со контролирана атмосфера и е прв од ваков тип во Македонија, а треба да биде готов до крајот на август со цел да ја пресретнат сезоната на јаболка. Нашите очекувања од работењето на овој комплекс за складирање и преработка на јаболка се во натамошниот развој на јаболко производството преку соработка со произведувачите, организираното производство, проширување на асортиментот во согласност со барањата на пазарот, но и со примена на најдобрите земјоделски практики со што уште повеќе ќе се зголеми квалитетот на јаболката – рече Димовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



