Последниве години земјоделците има за што да бидат благодарни. Владината финансиска поддршка на овој сектор донесе и допрва ќе носи придобивки за сите. Земјоделците добиваат пари со кои можат да го планираат и зголемуваат своето производство, но и достоинствено да живеат, а граѓаните добиваат можност за консумирање домашни производи. Сето тоа овозможува стопански пораст, кој благодарение на поголемото производство создава услови за пеглање на трговскиот дефицит, преку поголем извоз на храна, тутун, вино. На крајот на краиштата, поголемиот извоз, освен што ќе влијае амортизирачки врз дефицитот во трговијата, ќе овозможи нашите производи да стигнат до повеќе дестинации, луѓе и трговски партнери, кои ќе го осознаат квалитетот на тоа што можеме да го понудиме како земја.
Од Владата на Република Македонија најавуваат дека ќе продолжат со спроведување земјоделска политика, која придонесува за развој и за поголема конкурентност на македонското земјоделство.
– Ќе продолжи спроведувањето на мерките со кои на земјоделците им се овозможува поволен пристап до кредити, покривање на дел од трошоците за набавка на стока, подигање насади и култури, како и субвенционирање на земјоделското производство – велат од Владата на Република Македонија.
Оттаму информираат дека во периодот 2011-2015 година се обезбедени вкупно 670 милиони евра за субвенции во земјоделството. И тоа во 2011 година беа исплатени 115 милиони евра, во 2012 година – 130 милиони евра, во 2013 година – 135 милиони евра, за годинава се планирани 140 милиони евра, а за наредната година се планира распределба на 150 милиони евра, што е неколкукратно повеќе од средствата што, на пример, ги даваше владата на СДСМ во 2005 година, кога беа исплаќани минимални средства.
Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и за водостопанство нагласуваат дека ќе продолжат со спроведување аграрна политика, која веќе дава резултати во развојот и во зголемувањето на конкурентноста на македонскиот земјоделски производ. Според нив, Европа и светот треба да нѐ препознаат како сериозни и квалитетни агробизнис-партнери.
Во Министерството за земјоделство, шумарство и за водостопанство сметаат дека има ефекти од субвенциите. Имено, според податоците од Државниот завод за статистика и според анализите, може да се забележи пораст на извозот на храна. На пример, во 2005 година, кога субвенциите беа симболични, извозот изнесувал 278 милиони евра, во 2007 година бил 346 милиони евра, во 2009 година 357 милиони евра, во 2010 година извозот изнесувал 384 милиони евра, во 2011 година 468,6 милиони евра, а во 2012 година повеќе од 500 милиони евра.
Владата е убедена дека токму субвенциите им овозможиле на македонските земјоделци да го одржат и надградат своето производство и ветува дека субвенциите во овој сектор нема да се намалуваат.
Од минатата недела почна исплатата на субвенциите за лозарите и за тутунарите. Вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставрески објави дека субвенциите за лозарството се во целост исплатени, а, според планот, тече исплатата на субвенциите за минатата година и за другите гранки во земјоделство.
– Исплатени се 386 милиони денари субвенции на 12.615 лозари. Почнаа да се исплаќаат и тие за тутун и преку 27.000 производители на тутун веќе ги добија своите пари за субвенционирање на производството. Тие што допрва ќе го продадат тутунот, исто така, ќе ги добијат своите субвенции. Значајно е дека за субвенционирање на тутунот веќе се исплатени околу една милијарда и 200 милиони денари – истакна вицепремиерот.
Тој додаде дека Буџетот е во добра кондиција, дека има добра ликвидност и дека исплатата на субвенциите оди според планот. Најави дека оваа недела се планира исплата на субвенции за овците.
Ставрески нагласи дека Владата на Република Македонија и понатаму останува на определбата да го поддржува земјоделството и дека за земјоделците секогаш ќе има пари во буџетот.
Земјоделците се презадоволни од ваквиот став и однос на владата кон нив.
– Исплатата на субвенциите се одвива нормално, а почна порано од предвиденото, во услови на сѐ уште незавршен откуп на тутунското производство од минатогодишната реколта. Нашите производители се задоволни бидејќи субвенциите се шанса плус за обнова и за проширување на производството. Финансиската поддршка многу им значи на земјоделците бидејќи им покажува и докажува дека не се оставени сами на себе и дека некој стои зад нив. Субвенциите резултираа со зголемување на производството, што на некој начин создаде проблем со продукција на тутун во поголеми количества од тие што се предвидени за откуп во потпишаните договори. Сепак, тоа е работа што може да се реши и во иднина да не се повторува. Како и да е, субвенциите од 60 денари за еден килограм тутун, кои ги дава Владата, се стимулација за зголемување на производството и за достоинствен живот на тутунарите. Стратегијата на владата за зголемување на земјоделското производство им овозможува сигурност и заштита на земјоделците – вели Никола Стаменов, претседател на земјоделското здружение „Раноградинарство“.

Зголемувањето на субвенциите за земјоделците го поздрави и претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров, според кој за земјоделците доаѓаат подобри времиња.
– Субвенциите што почнавме да ги добиваме од 2006 година, па наваму, донесоа преродба во земјоделството. За минатата влада земјоделците беа субјект што само треба да го полнат буџетот. Сега работите се сменети и за нас доаѓаат подобри времиња. Субвенциите ни овозможуваат пристоен живот, ни овозможуваат да имаме храна за себе, за државата и за извоз. Додека оваа влада е на власт мислам дека и таа една милијарда евра, колку се издвојуваат за субвенции во земјоделството до 2016 година, ќе се зголеми. Ние како земја живееме од земјоделството. Секоја следна влада треба да работи како што работи оваа – вели Тантаров.
Земјоделските субвенции, истакнува Тантаров, го враќаат и животот во селата.
– Овие пари служат за поголем развој, за поголемо производство, посебно на големите земјоделци. Порано не можеа да имаат голема развојна политика, но сега тоа може да го прават. Македонија мора да знае дека со субвенционирањето на земјоделците престана и ликвидацијата на селата. Дел од селаните што избегаа, сега се враќаат во своите огништа – додава Тантаров.
Со сличен став се и од Федерацијата на фармери од каде што велат дека директните и индиректните финансиски средства во земјоделството не се за потценување и имаат голем позитивен тренд во последниве години.
– Од 8,7 милиони евра во 2004 година, субвенциите се зголемија на 17 милиони евра во 2007 година, за да пораснат на 86,6 милиони евра во 2010 година, 115 милиони евра во 2011 година, 130 милиони евра во 2012 година, 135 милиони евра во 2013 година, за да стигнат до 140 милиони евра во 2014 година. Токму субвенциите и тоа како се добредојдени за развојот на земјоделството на самите фармери во насока на зголемување на нивното инвестирање во развојот на својата фарма. Кога станува збор за субвенциите, отсекогаш се актуелни прашањата дали се развојни, каде одат парите од субвенциите, колку помогнаа за развој на земјоделството. Тоа што би истакнал е дека влегуваат во буџетот на семејството и се користат за инвестиции во аграрот – вели претседателот на ФФРМ, Андреја Секуловски.
Тој додава дека не може да се каже остро дека некаде субвенциите направија развој, а кај некои гранки направија опаѓање.
– Тука, покрај субвенциите, влијаат и голем број други фактори како што се пласманот, цената, климатските промени, пазарот. Според анализите на ФФРМ направени врз основа на статистичките податоци од Државниот завод за статистика, може да се каже дека некои од секторите како што се градинарство, производство на пченка, пченица, луцерка, ориз, мед, овоштарството (посебно производството на јаболка) имаат позитивен тренд, а кај грозјето и кај други производи има зголемување на продуктивноста. Позначајно е зголемувањето на производството на тутун за кој Владата одделува дури 20 проценти од вкупните субвенции. Но, има и земјоделски потсекторски гранки каде што нема подобрување или има негативен тренд, како што е кај сточниот фонд – вели Секуловски.
За да може во иднина да се види каков развој имаме, ФФРМ предлага да се направи систем за надзор и за мерење на ефектите од зголемените субвенции и воедно да се посвети внимание на едукација и на примена на нови технологии на производство, како и земјоделска практика што влијае на развој на производството.
До 2016 година планирано е субвенциите во земјоделството да достигнат повеќе од една милијарда евра. Од 2006 година, па наваму, владата има вложено 637 милиони евра во секторот земјоделство.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 76. број на неделникот „Република“, 21.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


