Австриските компании, кои се запознаа со можностите и предностите за правење бизнис во Македонија, сериозно размислуваат да инвестираат во земјава. На бизнис форумот одржан во Виена изразија позитивни оценки за македонската бизнис клима, јави известувачот на МИА.
-Во Македонија гледаме можност за пристап до голем пазар. Сакаме да ја развиеме и прошириме компанијата од ЈИЕ во светски снабдувач на нашите производи. За да го оствариме тоа потребни се одредени инвестиции во неа. Се надевам дека нашите бизнис-планови ќе се остварат, дека ќе инвестираме, ќе вработиме луѓе, ќе изградиме потребни капацитети – изјави Манфред Рајснер од „Кнор Бренсе“ компанија која изработува сопирачки за возови.
Тој информира дека неодамна отвориле компанија во Скопје „Ека“ која се занимава со тестирање на сопирачки на возови и нивна продажба и оти таа ќе стане целосно оперативна од 1 март.
Изрази задоволство што слушнале за мерките што ги презема македонската Влада, а што ќе биде од корист за реализација на нивните бизнис планови за инвестирање.
Рајснер истакна дека нивната компанија вработува 20.000 луѓе и има обрт од четири милијарди евра. Седиштето на компанијата е во Германија, а делот во Австрија е одговорен за Источна и Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Македонија.
Интерес за инвестирање во Македонија изрази и Сабина Кидс од компанијата Алса. Таа рече дека нивната компанија го проучува македонскиот пазар неколку години и смета дека нуди многу добри услови и можности за странските инвеститори.
-Има многу лесни процедури за отворање и водење бизнис. Во земјата ги има и сите потребни експерти кои ни се неопходни за формирање на компанијата, за нејзино водење и финансиска поддршка. Многу сме задоволни од условите што ги нуди Македонија во кои и лично се уверивме – изјави Кидс.
Таа додаде дека Македонија нуди многу поволен даночен пакет во споредба со другите земји, особено во однос на оданочувањето на добивката која во моментов е нула проценти ако не се дели дивиденда. Според неа, ова за нив како компанија е многу атрактивен и поволен услов и планираат да инвестираат во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



