| четврток, 6 декември 2018 |

Нови правила за издавање ортопедски помагала

Zmejkova
Фондот за здравствено осигурување на Македонија овој месец воведува новини во сегментот на издавање ортопедски помагала. Се воведуваат нови помагала, односно суплементи за дигестивни и метаболни заболувања, кои досега не беа на товар на Фондот, а од сега се за одредени дијагнози, како и олеснувања за подигнување четири групи ортопедски помагала заобиколувајќи го месечното одење кај матичниот лекар и месечната посета на подрачните служби на Фондот.
Ова денеска на прес-конференција го истакна директорката на Фондот, Маја Парнарџиева – Змејкова, која рече дека првата новина се однесува на воведување безглутенско брашно за лицата заболени од рет синдром и беспротеинско брашно и млеко за лица заболени со фенилкетонурија, по барање на осигурени лица.
– Ова е група осигуреници или пациенти, кои во својата секојдневна исхрана не можат да вклучат продукти што ги содржат протеините глутен и фенилаланинот, а при тоа сериозно да не го нарушат сопственото здравје. Станува збор за 13 пациенти, кои се пријавиле во Фондот, но мислиле дека има уште неколку. Тие досега плаќале месечно од 4.000 денари до 20.000 денари за да можат да се исхрануваат на начин кој им обезбедува ненарушување на нивното здравје, а од сега тоа ќе го прават на товар на Фондот – рече Парнарџиева – Змејкова.
Таа посочи дека втората новина се однесува на повеќе од 8.000 осигурениците кои за да го остварат правото да подигнат одредено ортопедско помагало морале прво да одат кај матичниот лекар, па во Подрачната служба на Фондот, и на крај да го подигнат во ортопедската куќа.
– Отсега се прескокнуваат првите два чекора односно матичниот лекар може да издаде  потврда за шест месеци за следните ортопедски помагала односно за системите за уростома, илеостома и колостома (вештачки отвори), за катетрите и за пелените и влошките.
Ова е навистина големо олеснување за осигурениците – за сите досега евидентирани осигуреници помалку 164.000 посети или кај матичниот лекар или во подрачната служба – истакна Парнарџиева – Змејкова.
Таа додаде дека изминатите месеци ги анализирале барањата на осигурениците и одлучиле дека Фондот треба да им излезе во пресрет со цел тие полесно да си ги остварат своите права.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top