
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
За да те спасува воопшто некој, прво ти се доведуваш во таква ситуација. А, спасителите се државни службеници што земаат плата на процент. Ако денес не спасат никого, нема плата. Затоа трчаат наоколу и се молат да пронајдат некој што се дави. Ја имаат сета опрема потребна за чинот на спасувањето.
Ги имаат медиумите, телевизиите, лиценците.
Но, најважна од сè е филмската проекција што потоа му ја приредуваат на „спасениот“.
Прво, му ја објаснуваат приказната за постанокот, ама низ призмата на тоа дека да не беа спасени, ќе беа на дното на океанот, каде што беа тргнати во мигот кога ги здогледа спасителот. Значи, апсурдот со апсурд се избива. Дупката останува.
Се сретнале две цивилизации на една крстосница и едната ѝ вели на другата: Јас сум постара! Другата молчи. Остава да говорат нејзините фосили, круговите во жито, семирамидните градини или подземните железници или …. тивките војни и невидливите оружја.
Победниците секогаш наметнуваат реформи. За да дојде до израмнување. Не на сметките, туку на законите. Природните закони не се вкалкулирани во овој шаблон. Тоа значи: ќе јадете хибриден домат, ќе пиете флуорирана вода и ќе дишете помалку кислород, повеќе магла. Резултат – хибридна раса. „Ashes to ashes“ ќе можат да ја пеат само оние што во своите погребни ритуали ја прифатиле реформата за задолжително кремирање. За кремот на човештвото не се важи, кремот ќе ја преспива смртта во пирамиди во кои ќе има клима-уреди за опуштено и лесно дочекување на новото време.
Човекот е тоа што го јаде или тоа што го мисли? Помалку или повеќе важно бидејќи ако јаде генетски обликувана храна, ќе почнете така и да мисли – модифицирано. Калемењето и ѓубрењето се нови технологии, коишто само треба да бидат потсетник дека надвор од рајот, сè е предмет на рециклирање и тоа би требало да биде единствениот пат за усовршувањето. Натчовекот што ќе биде промотор на Новата раса ќе никне од вишокот рециклирана пластика. Компјутерското запрашување (наместо со пчели), како и дигиталното далечинско управување и следење на растот на доматот во голема мера го подготвија теренот за да се случи долго најавуваната научно-фантастична иднина – цивилизациите веќе не се натпреваруваат кој е постар, туку кој смислил поиздржливо семе во однос на апсурдот.
Што е важно – кој има подлабок корен или кој подобро функционира? Кој измислил поефикасни механизми за себезаштита? За единство со природата? За обновливи ресурси? За складирање на отпадот? За рециклирање? За здравје? Или за спасување?
Кој прв ги лансирал приказните за НЛО? Како настанала илузијата?
И на кого му се потребни револуции, востанија и бунтови? Каква врска имаат Арапите со пролетта и Французите со револуцијата?
Кој прв се досетил да ја наплатува електричната енергија? Кој ги присвоил природните извори на нафта? Како настанала првата корпорација? Ако овој либерализам е нов, каков бил стариот?
Кој прв се сетил да присвои кладенче? Ај што го присвоил, ама како после му текнало да става хлор во него?
И кој прв се разболел? И кој измислил системи на лекување? И како дошло до тоа лекарите да наплатуваат за своите услуги? И како луѓето заборавиле дека внатре во своето тело имаат природен програм за самоисцелување, само треба да се задлабочат во себе и да замолат да се случи токму тоа што посакуваат да се случи. Толку просто што попросто не може да биде. Но, како луѓето заборавиле да си простуваат? Како станале компликувани?
Еве една стара кинеска приказна, што ја раскажува М. Лајтман во својата книга „Ослободи се себеси“, којашто може да нè потсети колку сè е наопаку.
Пред илјадници години, во стара Кина, медицината била практикувана сосема спротивно од начинот на кој таа се практикува денес. Тогаш секое домаќинство ставало вазна пред својот влез. При секојдневните обиколки на куќите во селото, лекарот погледнувал во секоја вазна. Ако внатре имало пара, тој ја земал и продолжувал по својот пат, знаејќи дека сите во куќата се здрави.
Ако вазната била празна, лекарот знаел дека некој во таа куќа е болен. Тогаш тој ќе влезел и ќе го лекувал пациентот најдобро што можел. Кога на болниот повторно ќе му било добро, секојдневното плаќање продолжувало.
Ова бил едноставен метод што ја гарантирал заинтересираноста на лекарот за здравјето на неговите пациенти бидејќи плаќањето продолжувало тогаш кога тие биле здрави. За да ја зголеми својата заработка, на лекарот му било од полза луѓето што ги надгледува да бидат колку што е можно подолго здрави. Поради таа причина, лекарот одел во обиколка на селото во своето слободно време, ги советувал луѓето за здравиот начин на живот и ги прекорувал оние што биле небрежни.
За жал, нашето секојдневие нè соочува со една сосема инаква слика – ако ги погледнете рекламите по електронските или пишаните медиуми, ќе видите дека и повеќе од половината од нив се однесуваат на најновите модели на вакцини, сирупи, капки, таблети или пресадување коса, вештачко оплодување, чувство за итност, колебање, зголемена простата или намалена потенција. Пандемиска инфлуенца. Купете. Евтино, со загарантиран успех и со специјален попуст.
Има ли сублиминални пораки во таквите реклами за потребите на моќната фармацевтска индустрија? Може ли некој да ви даде со сила?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


