Во Информативниот центар на ЕУ во Скопје вечерва ќе биде промовирана книгата „Небо во капини“ од словенечката писателка Наташа Крамбергер, која ја објави издавачката куќа „Икона“. За оваа книга Крамбергер ја доби Наградата за литература на Европската унија во 2010 година кога таа награда му беше доделена и на македонскиот писател Гоце Смилевски за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“.
Авторката на книгата ќе гостува на промоцијата во Скопје. Поводот е Прешерновиот ден, кој Амбасадата на Словенија во Македонија го одбележува традиционално, а промоцијата ќе биде дел и од серијата настани „Културни приказни“ што ги организира Инфоцентарот на ЕУ за промоција на европската култура.
Книгата во превод на македонски ќе ја претстави проф. д-р Александар Прокопиев, а ќе се обрати и словенечкиот амбасадор во Македонија, Бранко Раковец.
Преводот на „Небо во капини“ од словенечки на македонски јазик е на Драгана Ефтимова и беше реализиран преку програмата на Европската унија „Култура 2007-2013“ и Министерството за култура на Република Македонија.
Со својот прв роман „Небо од капини“, Наташа Крамбергер (1983) победи на фестивалот на млада литература „Уршка 2006“. Романот беше објавен во 2007 година во Љубљана, со поднаслов „Роман во приказни“. Досега е преведен на десетина европски јазици. Во 2009 година писателката го основаше екоарт-колективот Зелена централа за промоција на екологијата и на уметноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


