ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повика претседателот на СДСМ, Зоран Заев, конечно, да излезе пред македонската јавност и да даде одговор за најголемиот тендерски скандал во политичката историја на Македонија.
– Зоран Заев на семејната фирма на својот личен пријател и бизнис-партнер на фамилијата Заеви, Горан Крстев, ѝ обезбедил јавни набавки во вкупна вредност од преку 1 милион и 600 илјади евра. Сите тие пари ѝ биле доделени на фирмата „Јавор шпед Дооел“ преку 11 тендери, во време кога и Горан Крстев и таткото Симеон Крстев биле сопственици на оваа фирма – истакна Александар Колев од ВМРО-ДПМНЕ.
Горан Крстев е бизнис-партнер со Вице Заев и семејството Заеви преку фирмата „Сара јавор инженеринг“, а на јавноста ѝ е познат како еден од осомничените, а потоа и аболициран за аферата „Глобал“, тешка 8 милиони евра. Дека и до ден-денес Горан Крстев е бизнис-соработник на Заеви говори и последниот скандал за
недозволената продажба на градежно земјиште по само 1 евро за квадратен метар, за кое деновиве пишуваат и медиумите.
Општина Струмица и општинските институции на фирмата „Јавор шпед Дооел“ ѝ доделиле 11 јавни набавки со вкупна вредност од 101.354.456 денари. Од нив, 8 се склучени директно со Општина Струмица, со која раководи токму Зоран Заев, со вредност од 83.322.641 денари, додека, пак, останатите три се склучени со Јавното претпријатие „Комуналец“ од Струмица, во вредност од 18.031.815 денари.
– Очигледно е дека и оваа фирма на бизнис- ортакот на семејството Заеви е директно вклучена во мрежата за испумпување народни пари кои завршуваат во приватните џебови на роднините на Зоран Заев и неговите бизнис-ортаци – рече Колев.
Општина Струмица директно или преку своите општински претпријатија доделувала милионски суми не само на фирмите на таткото, чичкото или братучедот на Зоран Заев, туку и на фирмата на личниот пријател на Зоран Заев, Горан Крстев, велат од партијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


