| четврток, 6 декември 2018 |

Савова: Одбивам да бидам на листата на екипата што е канцерот на СДСМ

natasa savova 3

Никако да се релаксираат од мене ситните брифери од СДСМ… значи драги мои:

1. Јас сама се повлеков

2. И да ме поканите на листата на Заев и Шекеринска, ќе ви се заблагодарам на довербата, бидејќи одбивам да бидам на листа на екипа која е „канцерот на СДСМ“ (цитирам изјава за вас успешен министер од времето кога СДСМ победуваше)

Продолжете да си се натпреварувате со ВМРО кој повеќе станови купил и градежно земјиште… – напиша Наташа Савова на својот профил на „Фејсбук“ по објавувањето дека актуелната пратеничка не е на листата на Заев за нова шанса напролет.
savova

Таквата информација ја објави „Дневник“, посочувајќи дека актуелната заменичка на Зоран Заев, Радмила Шекеринска, и генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, сигурно ќе добијат нова шанса за останување во пратеничките клупи по сѐ поизвесните предвремени парламентарни избори напролет.

– Двајцата блиски соработници на Заев поради довербата која тој ја има во нив како актуелно раководство се очекува да се најдат на пратеничките листи на СДСМ на следниот изборен циклус. Заедно со нив, нов мандат, како што дознаваме од висок партиски извор, веројатно ќе добијат само блиските соработници на партискиот лидер, односно оние што без приговори ја спроведуваат политиката на СДСМ. Во оваа група за нова шанса од Заев се споменуваат и координаторот на пратеничката група Игор Ивановски, актуелниот прв човек на Kомисијата за финансирање и буџет, Маријанчо Николов, како и Менде Диневски, кој беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Битола на последните локални избори. Сите членови на партијата, како што вели изворот од СДСМ, важат за блиски до Заев и токму поради тоа, претседателот на партијата ќе одлучи да ги задржи и на новите листи. Од СДСМ брифираат дека во оваа група, која би требало да го помине партискиот филтер, може да се најде и пратеничката Цветанка Иванова – објави „Дневник“.

Понатаму медиумот додава дека Јани Макрадули, кого Црвенковски го кандидира за прв човек на Скопје на минатите локални избори, некогашниот портпарол на „Бихаќска“, Емилијан Станковиќ, и блиската екссоработничка на поранешниот претседател на СДСМ, Наташа Савова, се имињата што засега се споменуваат како пратеници на кои Заев нема намера да им ја даде довербата за нов мандат. Весна Бендевска, која константно е член на високите партиски тела, но и некогашниот генерален секретар на СДСМ, Андреј Петров,  исто така се во групата пратеници за кои во СДСМ се зборува дека „влечат на друга страна“ од актуелните политики. И Тања Томиќ, која своевремено беше советник во кабинетот на Црвенковски додека ја извршуваше функцијата шеф на државата, според нашиот извор, исто така е надвор од игра за нов мандат. Неизвесно е дали некогашниот потпретседател додека Црвенковски раководеше со СДСМ, Гордан Георгиев, кој во последно време е дистанциран од случувањата на „Бихаќска“ ќе остане на функцијата пратеник. Во Собранието се зборува дека Георгиев, исто како и останатите кои важат за блиски до Црвенковски, нема да добие покана да се најде на новите пратенички листи.

СДСМ излезе со демант на пишувањата на „Дневник“. Велат ова е целосна невистина и манипулација, а во партијата воопшто не било тема на разговор листа за кандидати за пратеници.

– СДСМ е фокусиран на претстојните претседателски избори и изборот на најсоодветен кандидат на партијата. Со изгласувањето на измените во Изборниот законик, СДСМ е насочен кон активностите за целосно прочистување на избирачкиот список – велат од партијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top