
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
Дали луѓето се програмирани роботи
или живи суштества со божествено полнење?
Која и да било опција да е во игра, нема ни трага од громогласната комедија во која боговите паѓаа на теме, сè со цел малото стаклено шише од „кока-кола“ да биде вратено на небото од каде што дојде: „The Gods must be crazy“, во режија на Џејми Јус , снимен 1980 година. Главната улога во филмот им припаѓа на Бушманите.
Местото на случување не е во Африка, туку во малото монденско гратче во земјата за која првата асоцијација е „банка“. Деновиве Давос им ги става на располагање своите капацитети на околу 2.500 луѓе коишто ќе ги загреат инкубаторите за веќе добро познатите, здодевни теми – економската криза, глобалната невработеност, амбисот меѓу богатите и сиромавите, Украина, Сирија и слични… Се разбира дека за љубопитните ќе има повеќе пикантерии зад затворена врата одошто стереотипните и вообичаени извештаи на официјалните прес- конференции. За нас Балканците боде очи дека ниту една од бившите југословенски државички не доби покана за оваа елитна забава.
Што го движи светот напред? Освојувачките походи? Забревтаните финансиски воини? Ако земјата е тркалезна, походиве нешто почнаа да се вртат во круг со таква зачестеност што освојувачите еден ден (во манир на страшниот Хогар, де) ќе се разбудат со сопствената татковина во задникот. Потоа, шокирани од недостигот од енергетски ресурси на далечниот и среден Исток, како и забрзаното размножување по дома, со магелановски ентузијазам ќе сфатат дека по грешка или не, се освоиле – самите себеси… и пак сè од почеток…
Во политиката нема бласфемија. Но, има во етиката. Кој прв се досетил да создава нации, а потоа да ги негира? Ако принципот на европското интегрирање во заокружена целина со политичка хомогеност не се перципира како туристичко-угостителска утопија, тогаш има шанси да биде надминување на нарцисоидното, патолошко поимање на сопственото племе како повеќе вредно од останатите.
И колку ова вреднување е важно во исполнувањето на програмата на ИПАРД наречена „Барај и ќе ти биде дадено“? Милиони евра за исполнување на сите желби, за самостојност, независност и унапредување на најневозможните аспекти на транзицискиот живот.
Политичарите секаде се исти: ветуваат дека ќе направат мост и таму каде што нема река, рекол Никита Хрушчов.
Инаку, проблемите од типот пренаселеност или сиромаштија (на духот, пред сè) би можеле многу лесно и преку ноќ да се решаваат со по едно „Ноево бротче“ за секој континент посебно.
Библиската парадигма за „избраните“ Арарат го стокми во Давос. Во подножјето на планината останаа ненатоварени милијардите непотребни работници, робови, селани и слични пониски класи и раси, коишто ќе потонат во некоја старо-нова атлантида, приспособена на верзија за мобилен телефон: Ное во Давос! Верзија за мобилен.
Што би ставил денес Ное во својот брод?
Само резервниот тврд диск. Со одбрана меморија. На него би биле снимени звуците и сликите од сите видови животни, вклучително и проѕирната риба што деновиве беше уловена во водите на новозеландското море… нема да пакува животни во три димензии за да не фаќаат простор. Доволна е идејата за нив: таа ќе биде семето за новата виртуелна реалност во новото време. Освен тоа, нема потреба од змии-отровници, коишто во отровот би го носеле вирусот на непристојниот предлог од времето на Рајот.
Не се знае дали Ное ќе ја понесе со себе апликацијата за прекрасната, романтична напивка на боговите од која следниот ден боли глава. Од грозје. Исто така, нема потреба од буриња оти новото вино не оди во стара амбалажа.
Нема да има потреба ниту од тапиите за сопственост на старото земјиште. На новиот континент ќе треба да се купи нова земја, а таму можеби нема да важи истата валута од стариот континент. Грбот, печатот, зодијакот. Може да понесе еден дијамант или злато во прав за секој случај, но за да помине на царина без да го фатат, ќе треба да ги голтне. Всушност, нема да има царина, нема да има граници, нема да има потреба од докажување на идентитетот, нема да има на кого. Значи, не мора да ги голта. Впрочем, и не мора да ги носи за да не го оптоварува бродот без потреба. Ако зема од семињата за грозје, најдобро да земе од областа Шампањ, во Франција.
Ако може да избира дали на барката да го качи Ајнштајн или Тесла, кого би го одбрал? Гејтс?
Ако треба да организира мис на универзумот, колку кандидатки ќе има?
Како и кога ќе настане првиот непријател?
Дали ќе има чоколадо? Какао? Кафе? Кока-кола?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


