| четврток, 6 декември 2018 |

Кукан и Штиер: Не смее да се бара двојазичност

европарламентКомпромисните амандмани предложени од известувачот Ричард Ховит за Резолуцијата за Република Македонија, во кои се бара воведување двојазичност и се споменува некаков ултранационализам сѐ уште ги брануваат духовите во европскиот законодавен дом.

Европарламентарците Едвард Кукан и Давор Иво Штиер, членови на Комитетот, за МИА потврдија дека тие ќе бидат цврсти да не дозволат да поминат наведените амандмани.

– Мислам дека би требало да бидеме многу внимателни во формулацијата што ќе ја користиме во Резолуцијата за да ние со непрецизност не создадеме нови проблеми. Во однос на предлогот за двојазичност во државата, треба да бидеме прецизни. Не може да се тераат граѓаните да научат друг јазик, туку треба да се почитува правото на секој да говори на свој јазик и како и секогаш да се работи на тоа Македонија, како една независна држава, да ја оствари својата европска перспектива, на што има право – посочува хрватскиот европратеник Штиер.

Според Словакот Кукан, пак, англиските говорници во АФЕТ велат дека употребата најпрво на зборот ултранационализам не се однесувала на Македонија, но дека европратениците како него кои се неанглиски говорници не се целосно убедени дека е така.

– Оваа дискусија ќе продолжи и нешто ќе треба да се стори. Во однос на предлогот за воведување на двојазичност, како што кажав на вчерашната дебата, никој мене како Словак не може да ме натера да учам унгарски јазик, што е јазик на малцинството во мојата земја. Но, и во овој случај, објаснувањето на известувачот Ховит е дека тој само тоа сака да се промовира, не да се наметне. Но, прашањето е зошто и воопшто тоа да го промовираме? – запрашува Кукан.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top