| четврток, 6 декември 2018 |

Мајка на смртна постела го подготвува тригодишниот син за понатамошниот живот

rovena i fredi

Ровена со сопругот и синот живее во Болтон, Англија. Во јуни 2010 година го родила синот Фреди, а само неколку месеци по породувањето добила силни болки во стомакот. Лекарите биле уверени дека болките се последица од породувањето и ѝ дали силни лекови против болки. Шест месеци подоцна немало никакви промени, а наодите биле уредни.

Во мај 2011 година била на колоноскопија и само една недела пред првиот родеден на Фреди дознала дека има рак на цревата. Приоритет ѝ било да најде третман кој ќе ја излечи. Одлучила остатокот од животот да ѝ мине во надеж, а не во страв. Пред почетокот на третманите, замрзнала јајци-клетки. Во јануари мината година дошла нова лоша вест. Со преглед биле утврдено дека има канцерогени цисти на јајниците. Таа не се предавала ниту кога лекарите ѝ ги оперирале јајниците, матката и дел од цревата. Потоа дознала дека ракот се проширил на белите дробови, црниот дроб и на карлицата. Како минувало времето, ѝ станало јасно дека нема да има шанса да го гледа синот како расте. Тогаш почнала да планира како да биде што е можно повеќе присутна во неговиот живот и тогаш кога нема да биде покрај него.

– Не можам да трошам време на плачење – вели оваа храбра жена.

Додека ѝ траеле хемотерапиите, почнала да прави честитки за синот за неговите идни родедени. Му пишувала совети кои би одговарале на неговата возраст. Му напишала честитки и за други посебени моменти во животот, како, на пример, за венчавката. Му снимила и цеде на кое таа ги пее нејзините омилени песни.

– Љубоморна сум на сите кои ќе живеат и ќе минуваат заедничко време со Фреди. Морам да направам нешто за да не ме заборави – изјави оваа 33-годишна мајка. На една од картичките напишала: „Смртта не постои. Луѓето умираат само кога ќе бидат заборавени. Ако се сеќавате на мене, секогаш ќе бидам со вас“ – им порачала мајката на синот и на сопругот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top