| четврток, 6 декември 2018 |

Стечајците се задоволни од најновата владина одлука

Стечајните работници кои беа згрижени со Законот за материјално обезбедување од 2008 година се задоволни од најновата владина одлука за продолжување на рокот на законот до 31 декември 2013 година.

Според Стојан Стојанов од Здружението на стечајни работници, со најновата владина одлука конечно ќе се реши статусот и на оние стечајци кои не беа опфатени со законот од 2008 година.

– Со ова конечно ќе се реши агонијата на овие стечајни работници. Бевме уверени дека Владата треба да најде модел како и стечајците кои не беа згрижени со законот, да бидат материјално обезбедени. Со доста разговори и преговори, Владата прифати овие луѓе со над 25 години работен стаж да бидат згрижени и конечно да се реши нивната агонија – изјави Стојанов по денешната средба со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Министерот Спасов оцени дека со оваа владина мерка се решава крупен општествен предизвик и по долги години се надминува проблемот со кој се соочуваа стечајните работници со над 25 години работен стаж кои работеле во фирми со доминантна државна сопственост.

– Со измените кои ќе ги направиме ги опфаќаме оние државни претпријатија кои влегле во стечај и по 2004 година. Со мерката ќе им се помогне на околу 3.000 граѓани кои останале невработени по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок – истакна Спасов, додавајќи дека владината одлука е донесена по направена опсежна анализа.

Владата вчера на прес-конференција најави дека ќе се направат законски измени за материјално обезбедување на лицата кои останале невработени или технолошки вишок и по 2004 година. Тие ќе добиваат по 7.100 денари месечно или 34 проценти од просечната плата исплатена минатата година плус здравствено осигурување.

Средствата во висина од околу четири милиони евра ќе се обезбедат од државниот Буџет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top