| четврток, 6 декември 2018 |

Кривична пријава за главниот акционер на АД Македонија од Неготино

Мнозинскиот акционер на АД Македонија од Неготино е осомничен од МВР дека правел злоупотреби во фирмата, преку негова приватна фирма.

СВР Велес поднесе кривична пријава против Љ.А.(54) од Скопје, претседател на одборот на директори и мнозински акционер во АД „Македонија“-Неготино, наедно и управител на фирмата „Бест Агент“-Скопје за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и за измама.

Во периодот од 2004 до 2012 година, пријавениот без одлука на Собранието на акционери склучил договор помеѓу АД „Македонија“ и „Бест Агент Скопје“, за купување на производна линија-машини од АД Македонија во износ од 17.217.248 денари, притоа доведувајќи ги во заблуда вработените и акционерите дека неговата фирма Бест Агент Скопје ќе ги исплати обврските што АД Македонија ги има кон Министерството за финансии и со изјава заверена на нотар ветил дека машините ќе останат во АД Македонија десет години.

По ова, откако пријавениот не ги платил обврските кон Министерството за финансии, истите биле подмирени со недвижен имот на АД Македонија, а исто така машините не биле оставени за користење туку биле однесени во Скопје. Исто така, во текот на 2009 година, пријавениот оттуѓил имот (котловска машина) сопственост на АД Македонија со проценета вредност од 10.637.889 денари, без за истото да достави документација. Со ваквото работење пријавениот противправно се стекнал со имотна корист од 27.855.137 денари на штета на акционерите и доверителите на АД „Македонија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top