Поддршка за Македонија и за нашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ изразил Џон Меккејн, влијателниот републикански сенатор од сојузната американска држава Аризона, при средбата со Делегацијата на македонското Собрание, која е во посета на Соединетите Американски Држави.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, по средбата со Меккејн, изјави дека влијателниот сенатор ја подвлекол неговата поддршка за македонското членство во НАТО, која ја имаше искажано и пред самитот во Чикаго минатата година.
– Џон Меккејн е докажан пријател на Македонија и се интересираше за сите прашања поврзани со Македонија. Му упативме покана за посета на нашата земја и рече дека со задоволство ќе ја прифати во догледно време. Секогаш од него имаме поддршка за членството во НАТО, дури укажа дека ќе лобира кај Сенатот, Претставничкиот дом, кај неговите колеги за Македонија, изјави Вељаноски по средбата.
Вељаноски и Меккејн, јави дописникот на МИА од Вашингтон, зборуваа за спорот за името меѓу Македонија и Грција, при што македонската страна истакна дека има искрен пристап во спорот и се залага за решение кое е прифатливо за двете страни и е долгорочно одржливо.
Делегацијата, во која се и пратениците Владимир Ѓорчев и Александар Спасеновски, имаше работен појадок со експерти и аналитичари на конзервативната фондација Херитиџ, на кој се разгледаа безбедносните состојби на Балканот, интеграциите и македонските економски реформи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



