На стопанството му треба свеж капитал за фирмите да преживеат, но и да размислуваат за инвестиции во нова опрема и машини. Добро е што компаниите ќе можат да дојдат до поволни кредити од Европската инвестициска банка, но неопходно е и деловните банки да го одврзат ќесето и позасилено да кредитираат, велат стопанствениците.
Банкарската фела, пак, навестува зголемено кредитирање. Од деловните банки објаснуваат дека досега биле внимателни во одобрувањето кредити, токму поради кризата и неизвесноста во европската економија.
– Откако економијата почна да бележи пораст, веќе имаме знаци на заздравување во делот на кредитирање на компаниите. Моите очекувања се дека ќе имаме релативно добра година во банкарскиот сектор, без поголем пораст на нефункционалните кредити. И во 2014 година во овие стабилни макроекономски услови со ниска инфлација и со пораст на БДП ќе се засилат и кредитните активности – смета првиот човек на банкарското здружение, Ѓорги Јанчевски.
Пораст на извозот и на инвестициите
Мендерес Kучи, претседателот на Kомората на северозападна Македонија, вели дека 2013 година била тешка година на економски план. Надеж им се најавените инвестиции во инфраструктурни проекти, кои треба да отворат и нови работни места, но и раздвижување на реалниот сектор. И од Стопанската комора на Македонија очекуваат позитивни трендови во 2014 година.
– Нашите прогнози се засновани на очекуваното постепено засилување на странската побарувачка, односно поповолното меѓународно опкружување, кое позитивно ќе влијае врз закрепнувањето на македонската економија. Важна улога има и државниот инвестициски стимул, како и порастот на капиталните инвестиции – нагласуваат од комората.
Во 2013 година главен мотор на економијата беа градежништвото и инвестициите. Според економските стручњаци градежниот сектор ќе ја движи македонската економија и во 2014 година, ако се земе предвид дека се планира инвестициски бум. Ќе се градат локални и регионални патишта, а во план е да се модернизира и патната инфраструктура.

Владата и Народната банка очекуваат пораст повисок од 3,5 проценти
Творците на економската политика велат дека во 2014 година може да се очекува економски пораст поголем од три проценти. Во буџетот за 2014 година Владата состави економски проекции базирани на пораст на вкупната економија од 3,5 проценти.
НБРМ очекува дека во 2014 година и во 2015 година македонската економија ќе расте со забрзано темпо. Проекциите се 3,7 проценти пораст во 2014 година и 4,4 проценти пораст на БДП во 2015 година. Економскиот пораст се очекува да биде поддржан со забрзување на кредитирањето. Инфлацијата ќе се стабилизира на 2,3 проценти во 2014 година, но инфлациски притисок ќе вршат цените на храната.
Според првиот финансиер, Зоран Ставрески, 2013 година поминала без поголеми потреси, немало намалување пензии, отпуштања од работа, немало потреси во банкарскиот сектор и затворање фирми.
– Останува сите ние да го искористиме уште подобро моментот што се создава во Европа, а тоа е мало подобрување на ситуацијата во европската економија, таму постепено се зголемуваат нарачките и еврото влегува во позитивна зона на економски пораст. Тоа создава впечаток дека со добро поставената политика со која Македонија ја подобри конкурентноста, со странските директни инвестиции и со капиталните инвестиции, ќе успееме да имаме подобра година. Јас очекувам повеќе од 3,5 проценти економски пораст годинава, а очекувам да продолжи трендот на намалување на невработеноста. Ние не сме стигнале до крајната цел – намалување на невработеноста. Очекувам да се отвораат нови работни места и во слободните зони и надвор од нив во Македонија, а посебно во регионите каде што невработеноста е висока, а ќе реализираме и капитални проекти, инфраструктурни, тоа што може да го направи подобар животот на граѓаните во Македонија – оценува министерот за финансии. Тој уверува дека има пари во државната каса за редовна исплата на плати, пензии и на субвенции.
На Балканот оптимизам, но реален пораст дури во 2015 година
Економските прогнози за Балканот за 2014 година нудат оптимизам, но вистински пораст ќе има дури во 2015 година. Позитивно е тоа што балканските земји во 2013 година излегоа од рецесија, а анализите укажуваат на постепено заздравување и на финансиски напредок. Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Црна Гора и Македонија банкарски и економски се силно поврзани со развиените европски земји, а најмногу беа погодени од намалениот извоз кон европските партнери, посебно Германија. Но, како што заздравуваат нивните европски партнери, така заздравуваат и земјите од Западен Балкан. Според прогнозите на Светската банка, добра вест е што земјите ја надминаа рецесијата, оваа година се очекува просечен пораст од 1,8 проценти, кој ќе биде уште поголем во 2015 година. Сепак, економистите предупредуваат дека постојат и негативни ризици, па краткорочните изгледи остануваат кревки. За регионот краткорочни макроекономски приоритети се намалувањето на нефункционалните кредити и фискална консолидација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


