Чудесната авантура на Перо Антиќ во НБА продолжува и се претвора во вистинска бајка што речиси никој не ја очекуваше. Дебитантот во НБА со 31 година и со очекувања кои беа скромни, со игрите во Атланта хоукс дотурка до седмата позиција на најдобри кошаркари кои се прва сезона во најсилната кошаркарска лига на планетата.
Тоа по автоматизам би значело дека Антиќ е сериозен кандидат за настап на олстар- викендот во НБА, на таканаречениот „Rising Stars Challenge“, каде што ќе играат најдобрите дебитанти. Олстар-викендот е еден од најважните спортски настани во кошарката, спектакл што одлично го организира НБА.
Годинава ќе се игра во Њу Орлеанс од 13 до 16 февруари, а дуелот за кој претендент е и Антиќ по распоред е веднаш на почетокот на олстар-викендот.
Според правилата што важат од 2012 година, асистентите-тренери на екипите во НБА, гласаат за составите на двете екипи што ќе играат на „Rising Stars Challenge“.
Антиќ има солидни шанси да патува за Њу Орлеанс, а по само 36 натпревари влезе во аналите на НБА. Крилниот центар од Македонија е прв кошаркар во историјата на оваа лига со најмалку три постигнати тројки на четири меча по ред, како стартер во дебитантска сезона.
Перо досега има просек од речиси 14 минути по меч, многу повеќе од очекувањата и предвидувањата на аналитичарите од НБА, кои му даваа максимум 7 минути по натпревар. Откако стана стартер, 31-годишниот скопјанец игра сѐ повеќе и подобро, па рапидно му скокна и просекот во сите категории. Антиќ дава по 5 поени на меч, има по 3 скока и една асистенција, сосема солидно за „руки“ во НБА, кој има 31 година.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



