Македонските ракометни репрезентативци денеска го играа последниот подготвителен натпревар пред ЕП во Данска. Противник на нашата селекција беше Србија која е европски вицешампион. Нашите ракометари загубија со 28-30.
„Црвено-црните“ фантастично го почнаа мечот и за неполни 10 минути имаа разлика од четири голови 6-2. Одличната игра во нападот и цврстата одбрана продолжи и во средишницата од полувремето каде ја достигнаа највисоката предност од пет голови (11-6). Србите ги консолидираа своите редови и до полувремето успеаа да ја намалат негативата на подносливи два гола разлика (15-13) и да го направат продолжението од мечот супер интересен.
Во вториот дел добрата игра на Србија продолжи и во 40 минута веќе беше нерешено 17-17. И со играч помалку поради исклучувањето на Тоскиќ европскиот вицепрвак успеа да поведе. До крајот на натпреварот и двете репрезентации се менуваа во водството, но во финишот Станиќ му одбрани пенал на Лазаров и со присебна игра успеаа да победат.
Најефикасен во нашите редови беше капитенот Кире Лазаров со осум погодици, додека Георгиевски постигна шест.
Нашиот национален тим ќе тренира во Скопје до сабота кога тргнува за Данска и веќе во недела го има првиот меч против домаќинот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


