| четврток, 6 декември 2018 |

На Легија му се слошило, завршил во Ургентен центар

На Милорад Улемек Легија доцна синоќа му се влошила здравствената состојба и бил пренесен во ургентниот центар во Белград, а веднаш по прегледот бил повторно вратен во посебното одделение на затворот „Забела“ во Пожаревац, пренесуваат српските медиуми.

-Улемек се жалеше на силни болки во стомакот. По препорака на доктор и со согласност од претседателот на Вишиот суд во Белград и асистенција на полицијата тој беше префрлен во Ургентниот центар и потоа вратен во затворот –  изјавиле од Управата за извршување кривични санкции.

По деталниот преглед тој бил вратен во затворот, што укажува дека најверојатно не се работи за посериозни здравствени проблеми. Улемек издржува казна под посебен третман во затворот кој е специјално за осуденици од
организирани криминални групи, како и за воени злосторници, кадешто контактот со надворешниот свет е сведен на минимум.

Улемек издржува единствена казна затвор од 40 години, но е осуден на четири највисоки казни во постапките за убиство на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ, убиство на Иван Стамболиќ и обид за атентат врз Вук Драшковиќ во Будва, како и за други дела извршени од страна на Земунскиот клан.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top