| четврток, 6 декември 2018 |

Прохоров плати 200 милиони долари и данок на луксуз за тим што има 19 порази и само 9 победи

Рускиот моќник Михаил Прохоров е во голем зијан со инвестицијата во НБА-тимот Бруклин нетс откако плати 200 милиони долари и сѐ уште плаќа данок на луксуз, а за возврат добива двојно повеќе порази од победи. Клубот што се засили со мегаѕвездите Гарнет, Пирс, Тери и Кириленко и што од претходно ги имаше Дерон Вилијамс, Брук Лопес и Џо Џонсон, игра катастрофално лошо.

Билансот на тимот што од клупата го предводи Џејсон Кид е 9-19, нешто во што не веруваше никој пред стартот на сезоната во НБА.

– Ова е како кошмар. Никој не веруваше дека можеме да играме толку лошо. Постојано говориме за повреди, за недостиг од енергија, за недостиг од среќа, но кога се составуваше тимот пред сезоната, никој не размислуваше дека може да се соочиме со вакви проблеми – вели Дерон Вилијамс. И повредите беа голем проблем за Нетс, но за тим што има многу екстра-квалитетни кошаркари, тоа не е оправдување.

Пред стартот на сезоната НБА експертите го рангираа Бруклин како еден од кандидатите за титулата, а ефектот е шокантен, Нетс моментно имаат двојно повеќе порази од победи.

Дека атмосферата е нарушена потврдува и кавгата меѓу Гарнет и тренерот Кид, две големи живи легенди во НБА. Дали ќе има санкции не се знае, но јасно е дека според сегашната ситуација и скор на победи и порази, Прохоров фрли во ветар 200 милиони долари за засилувања, со што го надмина лимитот за плати, односно популарниот „селари кап“, па плаќа и дополнителен данок на луксуз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top