| четврток, 6 декември 2018 |

Законите за земјоделско земјиште и за земјоделските задруги- стратешки за Македонија

земјоделиеВо 2013 година донесовме два стратешки закони, за консолидација на земјоделското земјиште и за здружување на земјоделците во земјоделски задруги. Ова се исклучително важни законски решенија и проекти на Владата и на МЗШВ, истакна ресорниот министер Љупчо Димовски пред пратениците.  На македонското земјоделство му е потребно окрупнување на земјоделските површини за поекономично експлоатирање, односно обработување, намалување на производствените трошоци, зголемување на приносите, поквалитетни земјоделски производи, поголема заработувачка и повисоки откупни цени за производите.

-По новиот Закон, досега се регистрирани седум задруги. Две се регистрирани по стариот Закон, а сега се пререгистрирани. Преку нив ќе успееме да ја зголемиме конкурентската моќ на земјоделците, намалување на трошоците во производството…- рече Димовски.

Годинава се зголемени површините кои се обработуваат, преку јавните огласи на слободното државно земјоделско земјиште.

-68 илјади хектари се распределени на повеќе од 7.290 земјоделци по десет хектари. Програмата за распределба на земјоделското земјиште ја модифициравме преку комерцијални огласи за распределба на ова земјиште на поголеми површини- рече Димовски.

На домашниот пазар имаме недостиг од млеко но, како што рече, евидентно е зголемување на сточното стадо, на молзните крави и јавувањето на повеќе субјекти кои се занимаваат со млекопроизводство и организиран откуп на млеко.

-Млекото во моментов чини 18 денари за литар, што е релативно добра цена  со оглед на тоа што на тие 18 денари ја одобруваме субвенцијата од 3,5 денари за литар, без оглед дали се работи за кравјо, овчо или козјо млеко. Тоа го правиме зошто сметаме дека треба да се подобри квалитетот на млекото. Веќе постојат две акредитирани лаборатории за контрола на квалитетот на млекото и уште две за кои успешно заврши огласот. Тие ќе бидат основани на Земјоделскиот факултет во Штип и на Државниот универзитет во Тетово, каде ќе се инсталира опрема со средства од Програмата за рурален развој и кои ќе придонесат за уште поголема контрола на квалитетот на млекото, но истовремено и за добивање на субвенциите кои се дефинирани- потенцира Димовски.

Во врска со откупот на тутунот, Димовски информира дека до вчера се откупени 21 процент од вкупната количина која е проценета дека ќе се произведе од 31 милион и 200 илјади килограми, по просечна откупна цена од 156,06 денари. Апелираше до земјоделците да ја искористат можноста за вклучување во проценката на второстепената комисија доколку не се задоволни од проценката на тутунот. Потенцира дека МЗШВ и Владата ги вложуваат сите напори за тутунопроизводителите да бидат задоволни со крајната просечна откупна цена која ќе биде дефинирана по 15 март, кога завршува откупот на тутунот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top