Новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација Бошко Ѓуровски, денеска официјално беше промовиран во Фудбалската федерација на Македонија, а задачата ќе му биде екстремно тешка. Поранешниот наш репрезентативец ќе треба да испорача резултати за да се анулира неуспехот во последните квалификации, да ја врати позитивната атмосфера во националната селекција, да ја врати довребата кај навивачите и да го убеди Горан Пандев да се врати во репрезентацијата.
Ѓуровски со ФФМ потпиша двегодишен договор за циклусот кој следи пред нас за пласман на ЕП во Франција во 2016 година.
– ФФМ потпиша договор со едно од нашите најпрепознатливи тренерски имиња. Ѓуровски има и одлично меѓународно искуство, што е мошне значајно во изборот на човек за селекторската позиција. ФФМ ќе стори сè за да ги овозможи неопходните услови за максимална работа на репрезентацијата –рече Илчо Ѓорѓиоски, претседателот на ФФМ.
Ѓуровски е големо име на македонскиот фудбал, а за првпат ќе биде селектор на национална селекција, што е голем предизвик.
– За мене е голема чест, но и одговорност преземањето на селекторската функција. Знам дека нè чека тешка задача, нема да биде воопшто лесно, но секогаш сум оптимист по природа. Амбициите се да освоиме двоцифрен број на бодови во следните квалификации, а лично посакувам да се вмешаме во битката за водечките две позиции во квалификациската група. Ќе повторам, тоа ќе биде тешко но подготвен сум, со поддршка од јавноста, со поддршка од вас медиумите, да се соочам со предизвиците –изјави Ѓуровски.
Македонија ја очекува ждрепката за ЕП 2016 година, а составот на групите и нашите противници ќе бидат познати по извлекувањето закажано за 23 февруари во Ница, Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


