| четврток, 6 декември 2018 |

Акција на „Лице в лице“: Горан Стефановски и Ирвин Велш со поддршка за ранливите групи

Прозаист, поет и драмски писател и нивните разговори за време на Саем на книга. Поранешен затвореник кој се вљубува и го менува својот однос кон луѓето. Овие ликови се дел од приказните со кои двајца писатели, Горан Стефановски и Ирвин Велш, дадоа силна поддршка на продавачите на „Лице в лице“.  Двата текста на авторите ексклузивно ги објавуваме во осмиот број на активистичкото улично списание. „Та не сме саде ние и не сме саде тука“ е насловот кој го дадовме на необјавената сцена од актуелната драма на Стефановски „Огнени јазици“ која не е дел од постановката на режисерот Слободан Унковски, која е на репертоарот на Драмски театар. Стефановски предложи „Лице в лице“ да го објави овој дел од драмата, за кој самиот тој вели дека е интересен и забавен и дека преку себе ги прекршува сите теми поставени во драмата.

Втората иницијатива дојде од шкотскиот писател Ирвин Велш, автор на романот „Trainspotting“, според кој режисерот Дени Бојл го сними и познатиот истоимен филм во 1996 година, кој неодамна беше прогласен за најдобар британски филм во изминативе шест децении. Тој напиша краток расказ, насловен „Не е бе тој пијаничиште“, кој го подари на уличните изданија низ светот, членки на Меѓународната мрежа на улични весници ИНЦП, чиј дел е и „Лице в лице“. Списанието ексклузивно го објавува расказот во рамките на осмиот број. Преводот го направи Зорица Петковска, а заедно со текстот објавуваме и ексклузивни илустрации и фотографии. На овој начин, Велш ја дава својата поддршка на продавачите на улични весници низ светот и ги поттикнува граѓаните да ги купуваат овие изданија во овој период.

– Гледам толку многу луѓе кои се борат да го зачуваат својот дом или да изградат нов. Тие ги заслужуваат истите права кои јас ги уживам – изјавува Велш.

Веста за овој потег на шкотскиот писател ја пренесоа големи светски медиуми, меѓу кои се и „Гардијан“, „Индипендент““, и други.

licevlice_cestitki2014

Токму поради овие две иницијативи на Стефановски и на Велш, „Лице в лице“ воспостави соработка со издавачката куќа „Или Или“ и со Драмскиот театар во Скопје.
„Или Или“ го има објавено романот „Ѓубре“ на Велш, па почнувајќи од 10 декември, до крајота на неделава, со секој купен примерок од осмиот број на „Лице в лице“, читателите ќе добијат 50 отсто попуст на оваа книга. „Или Или“ предложи и дел од средствата од продажбата на книгата да бидат наменети за продавачите на „Лице в лице“.

Соработката со Драмскиот театар почна уште на денот на промоцијата на осмиот број. Првите читатели на списанието добија бесплатни билети за „Огнени јазици“, која е на репертоарот на театарот на 14 декември. Ваквата соработка ќе продолжи и за други претстави.

Новогодишните честитки кои за „Лице в лице“ ги направија ликовниот уметник Ване Костуранов и нашиот дизајнер Зоран Инадески ќе бидат дел од акцијата насловена „Израдувај дете од улица“, која „Лице в лице“ ја започна уште минатата година, а која годинава ја почнуваме токму на 10 декември. Тогаш 70-тина граѓани се дружеа со деца од Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари, ги носеа на кино, на претстава, на заеднички ручек, и им подаруваа новогодишни подароци. Акцијата и овој пат ќе се спроведува преку страната на „Лице в лице“ на „Фејсбук“. Ги повикуваме сите граѓани кои сакаат да се вклучат, да ни пишат порака на „Фејсбук“, а ние ќе им испратиме честитка со желбите на едно од децата згрижени во Дневниот центар.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top