| четврток, 6 декември 2018 |

И тие остваруваат – македонски познати родители во 2013 година

2013 година беше година кога бебешкиот плач израдува многу познати личности од македонскиот јавен живот. Мајки и татковци станаа политичари, водители, актери, новинари, пејачки. Еве кои среќници годинава в раце за првпат го држеа своето чедо

Почнуваме со македонската музичка сцена. Ребека беше единствената позната Македонка што годинава роди близначиња. Макариј и Доротеј се засилувањето во малечката армија од мажи што ќе ја чуваат нивната Ребека. Таа и нејзиниот сопруг веќе го имаат шестгодишниот Макријан.

И Елена Велевска е мајка на три дечиња. Најмладиот член на семејството се вика Калија, по желба на нејзините братче и сестричка, Марко и Софија.

И постарата сестра Султана го избра името на својата нова сестричка. Емилија е втората ќерка на Наташа Малинкова и на нејзиниот сопруг Кире.

За првпат мајка стана и младата пејачка Наде Талевска, која својот Максим го доби на петок 13.

nade talevska

Наде Талевска и синчето Максим

На денот на винарите, Св. Трифун и денот на љубовта, според католичкиот верски календар, се роди Маша Младеновска. Таа е ќерка на водачот на „Суперхикс“, Пеце Младеновски, и на неговата сопруга Ели, а сестра на Никола.

Татко стана и пејачот и бизнисмен Дарко Гелев – Брејк. Тој и неговата сопруга, поранешната мис на Македонија, Драгана Клопчевска, се горди родители на Давид.

dragana klopcevska brejk

Давид и неговите родители, Драгана Клопчевска и Дарко Гелев – Брејк

Кога сме кај поранешните добитнички на титулата за најубава Македонка, тука е и мис Македонија за 2011 година, Стефани Борсова, која во ноември го роди Стефан. Манекенката веќе две години живее во Србија со сопругот Саша.

Горди татковци за првпат станаа и двајца македонски актери.

Актерот Борче Нечев и неговата сопруга, балерината Александра, одбраа старо и убаво македонско име за својата ќерка – Дениција.

Висар Вишка и водителката Елена Митева, пак, во април му посакаа добредојде на свет на нивниот прв син Дион.

visar viska

Висар Вишка и Дион

Во листата на познати родители за 2013 година се вбројуваат и познати водителки и новинари и еден, ама вреден, презентер на вести.

Неодамна мајка за прв пат стана Здравкица Билбиловска, која веќе цела година живее во Белград од каде што е и нејзиниот сопруг. Нивната ќерка се вика Маша.

И новинарката Ана Зафирова неодамна ја соопшти најважната вест. Таа на нејзиниот профил на „Фејсбук“ напиша – Денот се вика бескрајна радост – станав мајка на син.

Живкица Ѓурчиновска, сега веќе Каленикова, се породи овој мај. Таа и сопругот Зоран на своето синче Дарјан му подарија братче.

Презентерот на вестите на телевизија „Канал 5“, Борислав Тноковски, од септември ја има титулата татко. Неговата прва гордост се вика Матео.

Татко за првпат стана и новинарот и водител Саше Ивановски – Политико.

Меѓу политичарите, своето трето дете го доби пратеникот Влатко Ѓорчев. Никола се роди во јули и заедно со Марта, Филип и мама Сузана се најголемата среќа на тато.

vlatko gorcev deca

Марта и Филип Ѓорчеви

Истиот тој месец се породи и пратеничката Маринела Тушева, која го роди своето прво дете – Ведран.

Пратеникот од редовите на СДСМ Гордан Георгиев пред неколку дена го доби својот втор син.

Трикратен татко е и градоначалникот на Виница, Емил Дончев, покрај Иван и Лаура, сега ја има и ќерката Дарија.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанкиески, пак, својот втор син го доби на тригодишнината од неговиот брак со сопругата Сања.

mile janakievski

Миле Јанакиески и постариот син Михаил

Бејбибумот беше најголем меѓу спортистите, посебно кај ракометарите од Металург.

Ракометните репрезентативци годинава ќе ја паметат долго. Прв беше Филип Миркуловски, кој доби ќерка во февруари, која по заедничка желба со сопругата се вика Јована.

Уште еден ракометар од „металурзите“ доби нова татковска улога. Наумче Мојоски својот син го доби во мај.

Нивниот клупски колега, пак, Ацо Јоноски, неодамна доби втора ќерка.

mirkulovski jonoski

Филип Миркуловски со ќеркичките на Ацо Јоноски, Ивана и малата Ања

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ѓорѓи Чековски минатиот месец стана татко по вторпат, неговата сопруга повторно роди син.

Апсолутен шампион е познатиот македонски пливач Александар Маленко, кој во јули доби син. Ова е негово четврто дете, прво со неговата сегашна сопруга Фанче. Секое дете му е со различна сопруга. Ќеркичката Лора е од неговиот брак со пејачката и водителка Сузана Турунџиева, од бракот со актерката Јелена Жугиќ го има синот Ахил, а третото дете го има со третата сопруга, Русинката Татјана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top